Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против Н.А. од Куманово до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Лицето се сомничи за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, предвидено во член 353 став 3 од Кривичниот законик.
Како поранешен началник на Одделот за воздухопловни единици, пријавениот се товари дека со злоупотреба на својата службена положба нецелосно ја прикажал фактичката состојба во врска со важечките дозволи на воздухопловните техничари. На тој начин овозможил три лица, вработени како главни воздухопловни техничари во МВР, да стекнат право на додаток на плата од 20% од моментот на засновање на нивниот работен однос.
Според поднесената пријава, техничарите поседувале дозволи за одржување на воздухоплови издадени од цивилни власти, но немале завршена обука за конкретен тип на воздухоплов, ниту впишано важечко овластување за истиот. Сепак, на основа на неточната документација, им бил исплатен додаток на плата спротивно на Колективниот договор на МВР, што довело до противправна имотна корист во износ од 926.486 денари и го оштетило буџетот на Министерството.
Освен кривичната пријава, Одделот за внатрешна контрола најави дека против Н.А. ќе поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка поради кршење на работниот ред и дисциплина. Исто така, ќе биде изречена мерка за суспензија од работното место до завршување на дисциплинската постапка.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.