На крајот, веројатно, ќе треба и да си ги спалам сите дипломи, статии, книги… по што конечно ќе се самоукинам како Македонка

Објавил: admin@magazin | 15 јуни, 2018 11:03

Елка Јачева- Улчар за договорот: Ќе се самоукинеме како Македонци

Фото/Текст извор: ©Фејсбик

(ФБ статус на професорката Елка Јачева- Улчар)

Го прочитав Договорот. И колку што разбрав од него само ние Македонците:

– ќе бидеме единствен народ, чие јазично простирање ќе завршува на самоти државна граница;

– на југ (а богами и на исток и на запад) ќе немаме малцинство што зборува македонски;

– како проучувач на македонскиот јазик, веројатно, ќе бидам прогласена за субверзивен и непријателски елемент, кој ќе биде санкциониран од мојата власт, ако посакам да ги проучувам нашите југоисточни говори (така, барем, ги викавме кога се школував, пред 30 години);

– само ние Македонците за разлика од целиот свет ќе треба да не го спомнуваме Александар Велики, додека во цел свет тој се смета за светско културно наследство: роман Александар Велики, опера од Хендал „Александар Велики“… (Патем, кога е открена гробницата во Вергина, грчки историчари на уметност и археолози запишале: според артефактите пронајдени во оваа гробница, според поставеноста на гробовите во неа, како и според антропонимите запишани во неа – оваа гробница зборува за една друга култура различна од онаа што ја среќаваме по другите антички локалитети на територијата на Грција;

– само ние ќе треба да ги почитуваме ендонимите (читај грчките топоними) кои насилно биле наметнати врз словенските по Балканските војни;

– веројатно, ќе треба да се откажеме од четирите евангелија пишувани со грчко писмо на солунски, ениџевардарски, воденски и костурски говор во втората половина на 19 век;

– ќе треба да ги избришеме Граѓанската војна и егејскиот егзодус (кои, патем, и онака не се теми за кои многу се зборувало кај нас, а за во светот и да не зборуваме);

– ќе треба да ги ставиме во бункер „Црно семе“, „Рамна земја“, „Небеска Тимјановна“, „Големата вода“… ќе треба, веројатно, да се забрани и познатата студија на Макс Фасмер за словенските топоними во Грција (една книга што ми беше првата лектира која ја читав кога почнав да се занимавам со топономастика); ќе треба да се повлечат студиите од библиотеките во МАНУ, ИМЈ и НУБ за егејските говори; ќе треба да се повлече „Историјата на македонскиот јазик“ на Блаже Конески, и сето тоа со помош на комисија…

Каква иронија?!

На крајот, веројатно, ќе треба и да си ги спалам сите дипломи, статии, книги… по што конечно ќе се самоукинам како Македонка.

ПАТЕТИЧНА СУМ – ЗНАМ! АМА ЗНАМ ДЕКА И СЕКОЈА ЉУБОВ Е ПАТЕТИЧНА НА СВОЈ НАЧИН!

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.