Европската Унија

Објавил: Калина Мартинска | 18 јануари, 2025 11:27

ЕУ го троши рускиот гас со рекордна брзина

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Европа купува руски гас со невидена стапка во 2025 година, трошејќи милијарди долари. Ова се случува и покрај тоа што само пред неколку недели заврши големиот транзитен договор со Москва. Реномираниот „Политико“, анализирајќи ја оваа тема, нагласи дека ЕУ и Брисел имале „големи надежи дека Европа може да ја прекине зависноста од Москва“.

Во првите 15 дена од 2025 година, 27 земји на Европската Унија увезле 837.300 метрички тони течен природен гас од Русија

Податоците собрани од фирмата за разузнавање стоки „Кплер“ (анализирани од „Политико“) откриваат дека во првите 15 дена од 2025 година, 27 земји на Европската Унија увезле 837.300 метрички тони течен природен гас од Русија. Тоа е рекордно високо ниво, од 760.100 тони донесени во истиот период минатата година. Бројките се откриваат во јавноста откако на 1 јануари заврши историскиот договор со кој ѝ се дозволува на Русија да транспортира гас во ЕУ преку цевководи што минуваат низ Украина, при што Киев рече дека нема да преговара за продолжување. Неколку земји, вклучувајќи ги и Словачка и Унгарија, беа зависни од рутата што минува низ Украина за снабдување со енергија. Токму тие се залагаа за обновување на договорот, предупредувајќи дека ќе мора да платат поскап ЛНГ доколку дојде до прекинување на снабдувањето преку гасоводот од Русија. Словачкиот премиер Роберт Фицо дури се закани дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија за Украина и ќе ја намали поддршката за бегалците доколку Киев не отстапи и не дозволи транзитот да продолжи.

Прекинот на договорот не го спречи големиот апетит на Европа за руски гас

За јавноста, Чарлс Костерус, висок аналитичар на ЛНГ во „Кплер“, анализира дека за големиот апетит на Стариот Континент за природниот гас како енергент влијаат низа фактори, што сега интерферираат и се вклопиле во една голема причина за потребите на гасот од Русија.
– Има студено време од втората половина на декември; производството на енергија од ветер не е на највисоко ниво. Значи, постои апетит да се одржуваат овие томови – рече тој.
Тој додаде дека 95-96 отсто од рускиот ЛНГ што пристигнува во Европа доаѓа од фабриката „Јамал“, огромна постројка во ледениот северен Сибир.
– Поголемиот дел од тие количества се со долгорочни договори. Значи, не е како ЕУ да купува дополнителни контингенти, туку оние договорени количества што доаѓаат – рече тој.
Од друга страна, Ана-Каиса Итконен, портпаролка на Европската комисија (ЕК), изјави дека „напорите за истиснување на уделот на Москва во увозот на јаглен, нафта и гас веќе ја намалиле контролата на Русија врз европскиот енергетски систем“. Но, сепак, таа призна уште еден факт.
– И покрај овие значајни резултати, руската енергија – особено гасот – сè уште е присутна во ЕУ, а увозот на гас од Русија се зголеми во 2024 година, вклучувајќи го и увозот на ЛНГ. Тоа предизвикува сериозна загриженост – призна таа, посочувајќи на Европската комисија.

Десет држави од ЕУ повикуваат Унијата да го запре и рускиот ЛНГ

Десет земји од ЕУ го повикуваат Брисел, односно Европската комисија и ЕУ во целост, да го санкционира рускиот ЛНГ, кој годинава бил „купен во огромни количества откако Москва почна да ги затвора испораките на гасоводот“.
– Треба да направиме понатамошни напори и голем скок за да се справиме со зголемениот увоз на руски течен природен гас. Како крајна цел, неопходно е да се забрани увозот на руски гас и ЛНГ што е можно поскоро – велат неименувани претставници од десетте земји членки на ЕУ, обраќајќи се до Брисел. За потсетување, ЕУ исто така е под притисок да купи повеќе гориво од Соединетите Американски Држави. Претседателката на комисијата, Урсула фон дер Лајен, веќе ја поддржа идејата за купување повеќе американско гориво за да се искорени руската алтернатива.
Зошто да не го замениме со американски ЛНГ, што е поевтино за нас и ги намалува нашите цени на енергијата? Тоа е нешто за кое можеме да влеземе во дискусија, исто така станува збор за нашиот трговски дефицит – рече таа во ноември. Е.Р.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Економија