
Македонија
Анализа
Мицкоски и Заев во вчерашниот ТВ дуел го споменаа неуспехот на претседателските избори како реално можна опција. Заклучокот на обичниот гледач е дека лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го калкулираат и неуспехот на вториот круг на изборите како можен исход, а се разликуваат по тоа што се обвинуваат меѓу себе кој би бил крив/одговорен за тоа. Но, доколку во вториот круг нема 40% излезени гласачи тоа според Уставот ќе значи дека Талат Џафери ќе биде в.д Претседател на државата 3 месеци, а потоа ќе мора да се распишат нови претседателски, а најверојатно и предвремени парламентарни избори за да може да се биде сигурен дека излезноста и цензусот ќе бидат повисоки. Дали можеби ДУИ и другите албански партии планираат тивок бојкот на вториот круг на изборите, па со тоа да си постигнат уште една значајна политичка цел Талат Џафери да биде шеф на државата, барем за одреден период?
Од негова страна Заев истакна дека е сигурен во победата на претседателскиот кандидат на власта, Стево Пендаровски и веќе го прогласи за нов претседател на државата. Но, Заев инсистираше Мицкоски да каже дека ги повикува неговите симпатизери да гласаат и во првиот и во вториот круг затоа што се сомнева дека е можен бојкот на вториот круг, немање на потребната излезност од 40% и со тоа неизбор на претседател. “Очекувам лидерот на опозицијата да каже дека е против бојкот, дека е за кристално чисти избори и очекувам победа на Пендаровски со повеќе гласови над Силјановска. Титеравење е да не се повикаат сите наши граѓани да излезат, во спротивност повторно ќе имаме блокади на државата, посочи Заев, кој надополни дека се плаши опозицијата дека може во одреден момент може да донесе одлука за бојкот.
Ќе ги повикам граѓаните да гласаат масовно за Силјаноска Давкова. Силјановска победува на овие избори, тоа му е јасно и на Пендаровски и затоа во СДСМ се слуша опцијата за бојкот, за да предизвикаат дополнителна криза во државата. ВМРО-ДПМНЕ со Коалицијата за подобра Македонија застана зад Проф. Силјаноска и таа е идниот претседател на државата. Ќе ве победам на следните предвремени парламентарни избори ако останете на тој став после претседателските избори, изјави Мицкоски.
Мицкоски и Заев на ТВ дуелот ги вкрстија копјата за неколку битни теми: Преспанскиот Договор, преговорите со ЕУ, Законот за обвинителство, непотизмот, корупцијата во извршната власт, за фирмите кои семејството на Заеви ги отворило во Бугарија и Србија, и за претседателските избори. Но, прашањето е дали Мицкоски и Заев навистина имаат информации од партиските анкети дека претседателските избори ќе завршат со неуспех? Дали моменталното незадоволство на граѓаните од севкупната политика може да резултира со мала излезност на гласањето во вториот круг и кому би му одговарал таквиот развој на настаните?
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.