Премиерот Заев тврди дека не се сретнал со Орбан, иако вечерале заедно, но вети дека на следната средба ќе го пренесе ставот дека Груевски мора да биде екстрадиран назад

Објавил: Мартин Попоски | 5 декември, 2018 8:28

Заев и Орбан вечерале заедно, но Груевски не бил на мени

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Гласни по дома, тивки пред унгарскиот премиер Орбан, е коментарот на новинарите кои ја следела кратката средба помеѓу Виктор Орбан и премиерот Зоран Заев.

Заев негираше дека имало средба, од организаторите брифираат дека двата премиери вечерале на иста маса.

Ја побаравме поддршката од земјите членки за процесите во ЕУ и во НАТО. Македонија се истакнува во позитивно светло во градењето пријателство, добрососедските односи, реформите и очекувањата се дека преку Македонија ќе продолжи проширувањето. – рече премиерот Зоран Заев,по Самитот на шефовите на влади на земјите членки на Централно Европската Иницијатива.

Премиерот рече дека при посетата на Загреб не остварил средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој присуствувал на вечерата што ја организираше хрватскиот премиер Пленковиќ со присутните шефови на делегациите на Самитот, но не остана на Самитот и следниот ден.

Во следна прилика ќе го искажеме очекувањето за одговор на барањето екстрадиција за Никола Груевски, бидејќи тој според меѓународните конвенции и законите мора да ја отслужи својата казна во Република Македонија. – рече премиерот Заев.

На прашањето дали има некаква порака од Хан, Заев рече дека еврокомесарот Јоханес Хан е задоволен од Македонија и од постапките во Парламентот и внатрешниот дијалог на власта со опозицијата.

Еврокомесарот Хан, како што рече Заев, споделил очекување дека ова ќе го овозможи потребното двотретинско мнозинство во Парламентот за уставните амандмани, во согласност со Договорот од Преспа.

На прашања од регионалните медиуми за очекувањето за членство на Македонија во НАТО, премиерот Заев рече дека Македонија свети на Балканот, дека со реформите и со Договорот од Преспа е отворен патот и дека Македонија ќе биде следната 30 земја членка на НАТО.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.