
Македонија
Сатира
Костадин Костадинов (Манулач) денес одржа прес конференција по повод приемот што премиерот Заев го организираше за ракометарите на Вардар и нивниот спонзор и сопственик, рускиот милионер Сергеј Самсоненко. Прес конференцијата ја пренесуваме во целост:
Почитувани граѓани,
доста се поделби и кавги. Доста е реваншизам и клеветење. Брисел од нас бара да се сплотиме, да покажеме европски манири, да одиме заедно напред. Таква е и визијата на премиерот Зоран Заев кој се намина себе си и му подаде рака на бизнисменот Сергеј Самсоненко, кој пак за возврат му подаде на Заев дрес со број еден од ракометниот клуб Вардар. На вчерашната средба заеднички беше констатирано дека изјавите дадени од страна на одредени функционери на СДСМ во минатото дека господинот Самсоненко перел пари во нашата држава биле неосновани и премиерот Заев лично се увери дека се работи за еден општествено одговорен бизнисмен, кој иако по потекло е Русин, сепак дава безрезервна поддршка на членството на северна македонија во НАТО и во ЕУ. Тоа што господинот Самсоненко има фирми регистрирани во Белизе и на Кипар за премиерот Заев е само можност повеќе како тој и неговиот брат Вице да стекнат нови искуства. Самсоненко од своја страна се обврзал дека преку својата фирма за обложување “Бетсити Кипар Лимитед“ активно ќе лобира во Република Кипар, која е членка на ЕУ, за што поскоро добивање на датум за преговори. Премиерот Заев и газда Самсоненко заеднички договориле и забрзан инвестициски циклус во кој ќе се вклучат и фирмите „Игра инвест ЛТД“ од Белизе, „Иресине лимитед“, „Базики лимитед“, градежната фирма „Искра ММ“, скопската фирма „Ексико“, како и „Т&МЈ Инвестмент СА“ од Лугано, Швајцарија. Тоа е визијата за нашата држава, тоа се тие европски манири кои ги промовира премиерот Заев, и само така ќе продолжиме да блескаме и да бидеме шајнинг стар за Брисел и комесарот Хан!
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.