Македонија
Вести
На денешната, прва средба на премиерско ниво на шефовите на владите на Македонија и Кралството Шпанија, Зоран Заев и Педро Санчез, изразено е исклучително задоволство од двете страни и средбата е оценета како историска и како нова, важна страница за натамошен развој на двете пријателски земји.
Премиерите Заев и Санчез на средбата, на која присуствуваше и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, се согласија дека средбата е важна и заради евроинтеграциските процеси на Северна Македонија имајќи ја предвид силната поддршка од Шпанија за одржувањето на првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ и со тоа старт на преговорите.
На средбата премиерот на Шпанија, Педро Санчез истакна дека неговата земја е силен поддржувач на Македонија во остварувањето на оваа цел нагласувајќи дека поддржува почеток на преговорите и за Македонија и за Албанија во исто време.
Шпанија многу високо ги оценува реформите што ги спроведува Северна Македонија, нагласи премиерот Санчез на средбата и потенцираше дека тоа, како и исполнувањето на другите критериуми за пристапување во ЕУ, се најважни процеси кои земјата ги оствари и испорача кон Брисел.
Двајцата премиери оваа прва средба на премиерско ниво ја оценија и како особено значајна за стопанствениците од двете земји и се согласија дека ќе земат уште поголемо учество во поттикнувањето на бизнисмените од двете страни да соработуваат на заеднички инвестициски проекти.
Меѓусебната поддршка меѓу двете земји и двете влади е очекувана бидејќи неопходно е прогресивните сили да се поддржуваат на патот кон просперитетот, нагласија премиерите Санчез и Заев.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
Поврзани вести со оваа тема
Најчитани вести




Останати вести од Вести
Најнови вести

Тикер вести
You must be logged in to post a comment.