Премиерот Зоран Заев ја поздравува најавената средба на претседателот Стево Пендаровски со неговиот француски колега Емаунел Макрон и смета дека таа може да биде само од помош.
Заев смета дека со средбата Македонија може да добие можност уште еднаш да се разговара и да се претстават аргументите што се на нашата страна во процесот на проширување.
– Среќен сум што конечно наш висок претставник, а тоа е првиот човек на државата, претседателот Пендаровски ќе може да се види со првиот човек на пријателска Франција. Тоа за нас секако е можност уште еднаш да се разговара за сите аргументи на светот што постојат на наша страна, за претседателот Макрон уште еднаш да ги разгледа ситуациите во духот на паралелениот процес на нови методологии за да се одвива самиот процес затоа што е важно и тоа не е важно само за Република Северна Македонија, само за Западен Балкан, важно е за Европа. Важно е навистина за целиот европски континент, за ЕУ е многу важно. Верувам дека ќе биде одлична можност да ги претставиме нашите ставови нашите аргументи по ова прашање, изјави премиерот Заев одговорајќи на новинарско прашање по тркалезната маса во Собранието за промена на изборниот модел.
Заев изјави дека се надева оти наредните месеци и тој ќе успее да се сретне со Макрон, посочувајќи дека „три-четири месеци барал средба“.
– Се надевам дека во иднина и јас ќе имам таа можност. Јас сум среќен што претседателот ќе се види и знаете дека некои три-четири месеци барав и јас средба, веројатно и претседателот Пендаровски барал средба со претседателот Макрон, но сум среќен што првиот претставник на нашата држава ќе оствари средба која може да биде само од помош, потенцира Заев.
Инаку претседателот Стево Пендаровски ќе престојува во Франција од 11 до 13 ноември, а ќе има и обраќање на форумот на 12 ноември. На форумот се очекува присуство на повеќе од 30 шефови на држави и влади.
-Правиме усилби практично од првиот ден, практично веднаш по последниот бриселски самит на ЕУ да добиеме средба на што е можно повисоко ниво во Француската Република и директно со претседателот Макрон и со луѓето околу него што точно побаруваат од нас и да ја надминеме таа крајно непријатна ситуација, рече Пендаровски.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.