Во 1871 година го објавил препевот на „Илијадата“, но бил жестоко искритикуван, од бугарската критика бидејќи пишувал на општословенски, а не на бугарски литературен јазик (кој не го знаел добро).

Објавил: Македонка Димкин | 29 март, 2019 0:25

ЗА ЖИВОТОТ НА ГРИГОР ПРЛИЧЕВ – „СЕРДАРОТ“

Фото/Текст извор: ©македонски.мк

Татко му починал кога тој бил шестмесечно бебе, па грижата за семјството паднала врз мајка му.
Неговиот дедо го научил да чита уште на четиригодишна возраст од некој стар грчки буквар. Мајка му и сестра му аргатувале по куќи, а тој продавал јајца, им давал часови на богаташките деца и препишувал книги.

Освен овие податоци, во својата „Автобиографија“ Прличев го опишува основното училиште и тогашните учители, како и доаѓањето на Димитар Миладинов за учител на кого „мед му течело од устата“ кога зборувал.
На студии во Атина

Во 1850 година се запишал на Медицинскиот факултет во Атина што никогаш не го завршил, но тогаш за првпат дознал за конкурсот за поема. По 10 години се вратил во Атина, да ги продолжи студиите, а всушност да се пријави на конкурсот.

Со поемата „Сердарот“ („О Арматолос“) тој го освоил првото место, ловоровиот венец, паричната награда и бил прогласен за втор Хомер (1860). Во наградата спаѓало и студирање во Берлин или Оксфорд, но таа награда можел да ја добие само ако се откаже од сè словенско во него — и тој ја одбил.
Следната година повторно се пријавил на конкурсот со поемата „Скендер-бег“, но таа година по некоја случајност, конкурсот не се одржал.
Кога дознал за смртта на браќата Миладиновци, Прличев ја напуштил Атина и се вратил во татковината за да се бори со владиката Мелетија (виновникот за затварањето на Димитрија).

Од тогаш, па сè до крајот на својот живот, Прличев се борел со носителите на туѓото влијание во неговата татковина. Тоа ќе биде причината тој да биде прогонуван, па и затваран (во дебарскиот затвор).

Во 1871 година го објавил препевот на „Илијадата“, но бил жестоко искритикуван, па дури и исмеан од бугарската критика. Причината била тоа што тој пишувал на општословенски, а не на бугарски литературен јазик (кој не го знаел добро).

Тој се занесувал со идејата да направи општословенски јазик — комбинација од словенските јазици, кој ќе го користат сите Словени (словенски есперанто). За жал, таа идеја не била прифатена и реално била неизводлива. Разочаран, се повлекол во Солун каде ја напишал „Автобиографијата“. Во нашата литература ова е прво дело од ваков тип, напишано во проза.

Последните години од својот живот ги поминал во родниот град, речиси сосема осамен и разочаран.
Сердарот“ е историско-јуначка поема; историска балада.

Темата е борбата на Македонците против насилствата на Гегите, или поопшто, борбата за слобода.
Идејата — да го прикаже макотрпното минато на својот народ и стремежот за слобода.

Поемата е напишана на грчки јазик (бидејќи се пријавил на конкурсот за поема во Атина).

Мотивот, Прличев го зел од народната песна за Кузман Капидан, а бил инспириран од тешкиот живот на Македонците од западните делови на Македонија кои биле изложени на терор од страна на Гегите. Па дури и турската власт за да го заштити населението од грабежи, за да може после да им земе даноци, морала да организира заштитнички единици. Кузман Капидан бил водач, сердар на една таква единица.

Поемата е сочинета од 228 строфи со по четири стиха (катрени), од кои првиот и третиот стих се петнаесетерци, а вториот и четвртиот осмерци. Во неа мотивот и версификацијата (градбата на стиховите) се под влијание на народната македонска поезија, додека стилските особености — сложените епитети, мотивите и ликовите од грчката митологија, опширната епска нарација, описот на оружјето, на двобоите и градењето на ликовите се под влијание на Хомер.

„Сердарот“ започнува со потресна слика за положбата на македонското население во Галичник и Река, каде е лоцирано дејствието на поемата.

Пискотници се слушаат од Галичник во Река,
Што тешка несреќа ги збра
и мажите, и жените, та гласи тажна ека
и навева сал коб и зла?

Дал’ град полињата житородни ги беше фатил?
ил’ рој од скакулци се вдал?
Дал’ султанот арачлии пред време беше пратил
да збира арач лут без жал?

Ни град полињата житородни ги беше фатил,
ни рој од скакулци се вдал,
ни султанот арачлии предвреме беше пратил
да збира арач лут без жал!

Та Кузман, јунак славен, падна убиен од Гега,
тој сердар прочут падна в бој,
и ќе ги гази пљачкашот планините ни сега,
и да ги брани нема кој…

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Македонски

Sorry, no posts matched your criteria.