По 15-тина часа од завршувањето на лидерската средба во проширен партиско-пратнички состав, предмалку во Клубот на пратениците почна новата рунда разговори, овојпат само меѓу лидерите на СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и едно од крилата на Беса, Зоран Заев, Али Ахмети, Христијан Мицкоски и Билал Касами. Ваквиот формат на лидерската средба синоќа го побара Мицковски, по напуштањето на состанокот.
Се очекува и денеска партиските лидери да дискутираат за составот на ДИК и претстојниот есенски референдум за името, посебно за формулацијата на референдумското прашање.
На средбата во Клубот на пратеници Заев е придружуван од вицепремиерката Радмила Шекеринска, Мицкоски е со професорката Тања Каракамишева, Али Ахмети е со вицепремиерот Бујар Османи, додека Касами е придружуван од Кастриот Хаџиреџа.
На партиите на Албанците од опозиција им било оставено сами да се договорот кој ќе ги претставува на денешниот состанок.
Премиерот Заев по синоќешната лидерска средба соопшти дека референдумското прашање би можело да биде: Дали сте за членство во ЕУ и во НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција? и оти претстојниот референдум потребно е да биде консултативен.
Тој изрази разочарување што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја напушти средбата само еден час по почетокот велејќи дека тоа е несериозно, неодговорно и навредливо кон претставниците на сите политички партии кои беа на разговорите и кон граѓаните.
Како процес вечерва разговарав со лидерите на политичките партии и ги информирав за можната формулација на референдумското прашање кое би се движело во следата насока – Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу РМ и Република Грција, изјави Заев.
Појасни дека е разговарано и за членот 27 од Законот за референдум, според кој во услови кога Собранието треба допрва да донесе некоја исклучителна важна одлука за иднината, потребно е референдумот да биде консултативен.
Одлуката, додаде Заев, се смета за конечна, доколку на референдумот излезат најмалку 50 проценти од вкупниот број на запишани избирачи во Избирачкиот список.
Значи без разлика на карактерот на референдумот одлуката се смета за успешна во ваков случај. И се отвори дебата дали да биде консултативен или обврзувачки. Консултативен е кога ние сакаме да ги консултираме нашите сограѓани и потоа да ги носиме одлуките, како што е случајот со одлуките за промена на Уставот. Ако ние одлучиме да ги носиме одлуките за промена на Уставот сега во Парламентот и ги донесеме тие одлуки и потоа одиме тоа да го провериме на референдум, тогаш тој е дополнителен, појасни Заев.
Мицкоски, пак, по излегувањето од состанокот кажа дека за нив не бил јасен концептот зошто претставници на сите парламетнарни партии не се присутни и, како што кажа, изразил сериозен револт поради вчерашниот предлог за измени на Изборниот законик по скратена постапка за составот на ДИК.
Тој рече дека го повикал премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев во најскоро време, а најдоцна до понеделник, да организира лидерска средба во форма како што претходно се одржувала, со присуство на лидерите на четирите најголеми партии на СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и најголемата опозициска партија на Албанците на која ќе се разговара за, како што кажа, сите отворени прашања што му претходат на новиот состав на ДИК, па дури потоа да се разговара за формирањето на ДИК.
ВМРО-ДПМНЕ, рече тој, останува на истите ставови – усвојување на Законот за финансирање на политички партии и измените на Законот за Влада каде што ќе се регулира концептот на техничката влада по пржинскиот модел па дури потоа формирање на ДИК.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.