Дали Македонската опера и балет остана без сценографија за операта „Евгениј Онегин“, единствената опера од рускиот железен репертоар, најпознатото дело на рускиот композитор Петар Илич Чајковски? Сценографијата била подарена на Битолскиот театар за потребите на премиерна претстава која ја подготвувале, и истата била адаптирана за таа цел што значи дека нејзината примарна намена за сцената на МОБ веќе е ставена под знак прашалник. „Евгениј Онегин“ беше премиерно поставена минатата сезона, додека со националната установа раководеше Игор Дурловски, а до сега е изведена 4 пати на сцената на МОБ.
Иако ваквата пракса е вообичаена за театарски и оперски куќи, сепак, стручни лица од областа на оперскиот свет тврдат дека сценографиите не треба да се подаруваат или расходоваат се’ додека има интерес од јавноста и додека сценографијата е во добра и безбедна состојба. Тие велат дека често пати сценографиите се предмет на лични бизнис интереси на раководителите на ваквите институции, бидејќи можностите за малверзации и злоупотреба на нивните позиции не се ограничени со посебни безбедносни системи и мерки. На пример, Министерството мора да создаде функционален систем со кој ќе го контролира инвентарот на куќите, во смисол на сценографии, да не дозволи расходување поради личните вкусови или бизнис апетите на раководителите, туку да обезбеди соодветен магацински простор во кои ќе се складираат и обезбедат за понатамошна употреба или реупотребат помеѓу сродните установи.
Уметничкиот раководител на Операта во МОБ, диригентката Бисера Чадловска, во својот едногодишен ангажман, одлучила од репертоарот на куќата да повлече бројни квалитетни претстави, иако тврдела поинаку во своите изјави за медиумите кога ја презеде функцијата. Претставите кои полнеа сали како мјузиклот „Тајно моја“ и балетот „Клеопатра“ се веќе минато во МОБ. Двата наслови се најпродаваните и најпосетуваните претстави во историјата на МОБ, но и донеле најголема заработка на куќата од продажба на билети. Чадловска изјави дека мјузиклот „Тајно моја“ бил предвиден на репертоарот во текот на сезоната, но тој не беше поставен ниту еднаш, иако имаше бројни барања од публиката и јавноста, особена од другите градови во државата и во поранешните југословенски републики. Но, тоа е тема која заслужува посебно внимание и ќе биде обработена во иднина.
Покрај двата спектакли, Чадловска од репертоарот ги симна и Турандот, сценографија на светски познатиот режисер Џанкарло дел Монако, кој преку видео порака бараше правда за Игор Дурловски кога беше обвинет и притворен поради немилите настани на 27 април 2017. Чадловска, неодамна го ангажираше Игор Дурловски да настапи токму во оваа опера на Мајските оперски вечери. Во оперските кругови одамна се говори дека главен човек за отворање можности за продажба на сценографии или нивно подарување е поранешиот директор на МОБ, Дејан Прошев, кој важи за еден од најблиските соработници на Бисера Чадловска. Тој исто така, беше избран од Бисера Чадловска да ја режира операта „Боеми“ за отворањето на Мајските оперски вечери, за што добил хонорар во висина од 4.000 евра, иако е вработен на позицијата режисер во истата куќа. За истата претстава, костимографот Марија Пупучевска добила хонорар во висина од 3.000 евра иако и таа е вработена во куќата.
Вработени во куќата одамна укажуваат дека голем број сценографии исчезнуваат од магацинот на МОБ на сомнителен начин, најчесто под изговор дека магацинот не располага со доволен простор. Истите укажуваат дека крајно време е надлежните институции да се справат со евентуални манипулации во минатото кои направиле реална штета на куќата, особено во времето токму на Дејан Прошев кој ја остави куќата со долг од околу 600.000 евра.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.