Лидерот на шпанските конзервативци, Алберто Нуњес Феихо, ќе ја има својата шанса да формира нова влада оваа недела – нешто што претходно се сметаше дека е осудено на неуспех со оглед на недостигот на парламентарна поддршка.
Народната партија на Феихо освои најмногу гласови на 23 јули, на општите избори без категоричен победник, кои ги оставија сите партии доволно далеку од апсолутното мнозинство за да им го комплицираат патот до власта.
Ако Феихо не успее да формира влада, како што се очекува, тогаш актуелниот премиер Педро Санчез ќе го добие своето право да се обиде да остане во палатата Монклоа (резиденцијата на шпанскиот премиер) притоа обидувајќи се на своја страна да ја привлече разновидната група левичарски, локално-патриотски, па дури и сепаратистички партии.
Еве што треба да знаете за ситуацијата околу мандатот на Феихо за формирање влада, чиј обид ќе започне денеска, со неговиот говор во шпанскиот парламент.
Лидерот на Народната партија, традиционалната шпанска централно-десничарска сила, ќе има две шанси да стане следниот премиер на четвртата по големина економија во Европската Унија. Но, доколку не дојде до изненадување, тој ќе ги загуби и двете гласања во Парламентот за неговиот кабинет.
Во среда, 24 часа по парламентарната дебата, на Феихо ќе му треба апсолутно мнозинство од 176 гласови од 350-члениот долен дом на шпанскиот парламент во Мадрид (Конгрес на пратеници).
Доколку не ја достигне таа квота, в петок ќе се спуштат критериумите и на кандидатот за власт едноставно ќе му требаат повеќе гласови „за“ отколку „против“. Таквото сценарио би ја отворило можноста за воздржани гласови кои ќе претежнат на вагата во негова корист.
Најмногу пратенички мандати има Народната партија – сто триесет и седум. Но, дури и со триесет и трите гласови на екстремно десничарската партија „Вокс“ и уште два од малите конзервативни партии од регионот Навара и од Канарските Острови, ним сè уште им недостигаат четири гласа.
Изгледа шансата на Феихо зависи од тоа некој да не гласа, а тоа би било изненадување.
Двете каталонски сепаратистички партии, кои би можеле да бидат фактор, ја отфрлија можноста нивните пратеници да се „воздржат“ од гласање, имајќи предвид дека ставот на Народната партија кон нивното сецесионистичко движење го опишуваат како милитантен.
Останува конзервативната Баскиска националистичка партија, која рече дека не е можен договор што би ја поврзал со партијата Вокс, која инсистира на централизирана држава и која одбива да го осуди диктаторот од 20-тиот век како Франциско Франко.
„Постои слон што не е ни во собата; тој е во дневната соба и го блокира секој пристап на БНП до каква било врска (со Феихо) и тој слон е Вокс“, изјави претседателот на БНП, Андони Ортусар за шпанското национално радио. .
Тешкотиите на Феихо станаа очигледни минатиот месец кога социјалистите, иако втора парламентарна сила во долниот дом, успеаја да соберат повеќе гласови од неговата Народна партија при изборот на социјалист на функцијата спикер.
Ако Феихо ги изгуби гласањата, тоа автоматски би предизвикало двомесечен период во кој другите кандидати ќе излезат на сцената за да побараат одобрение од парламентот за формирање нова влада. Доколку ниту еден кандидат не го положи тестот, тогаш парламентот ќе се распушти на 27 ноември, а нови избори ќе бидат закажани за 14 јануари.
Санчез и неговите партнери веќе земаа здраво за готово дека Феихо нема да успее и сега работат на собирање поддржувачи потребни за повторување на левичарската коалиција на социјалистите и левичарското движење „Сумар“.
Сепак, цената ќе биде висока. Санчез ќе зависи и од можната поддршка на каталонската сепаратистичка партија „Жунтс“ („Junts per Catalunya“ – „Заедно за Каталонија“), чиј лидер Карлес Пуџдемон е во егзил во Брисел, каде што е европратеник.
Пуџдемон ја напушти Шпанија во 2017 година, откако го предводеше неуспешното каталонско движење за независност. Иако поддршката за сепаратистичките партии опадна на изборите во јули на сметка на каталонските унионистички партии предводени од социјалистите, Пуџдемон сега има моќ на балансер благодарение на седумте парламентарни места на Жунтс.
Неговиот услов е ништо помалку од амнестија за неодреден број каталонски сепаратисти, веројатно неколку илјади, кои се во неволја со законот поради нивната улога во сепаратистичкиот бунт пред шест години.
Таквата амнестија нема да наиде на широко одобрување во Шпанија, особено ако се има предвид дека Пуџдемон и многу од неговите следбеници не се покајаа откако речиси ја уништија државата.
Иако никој од социјалистите јавно не зборува за амнестија, Санчез во минатото помилуваше високи лидери на движењето и се чини дека е подготвен да разговара за уште поголем чин на великодушност со цел, како што вели, „нормализирање“ на политичката ситуацијата во Каталонија, која се наоѓа на шпанскиот североисток.
Со контроверзноста за можна амнестија која ја засенува дебатата за неговата сопствена судбина, Феихо се обидува да ја искористи поделбата создадена од можноста за помилување за да ги зголеми своите мали шанси.
Народната партија повика на протестен митинг в недела во Мадрид против можната амнестија, а нејзините членови ги повикаа незадоволните социјалисти да го поддржат Феихо за да го спречат Санчез да склучи договор со сепаратистите.
Алберто Нуњез Феихо ќе се соочи со критики од својата партија доколку не успее да стане премиер. Шеесет и двегодишниот Феихо го помина поголемиот дел од својата политичка кариера како скромен локален лидер во земјоделскиот северозападен агол на Шпанија – во Галиција.
Окарактеризиран како умерен политичар, тој веќе чувствува притисок од приврзаниците на потврдокорната Изабел Дијаз Ајусо, популарната премиерка на регионот Мадрид, која во неколку наврати влезе во конфликт со Санчез за време на пандемијата на Ковид-19 поради мерките против епидемијата наложени од федералната влада.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.