Најголемиот затвор во Македонија

Објавил: Калина Мартинска | 11 април, 2024 21:07

Идризово – најголем затвор или пазар во Македонија?

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Претресот на Тигрите во затворот во Идризово изутрината финишираше, попладнето со машина за бетонирање која затвори два тунели кои ги копале затворениците.

Келија по келија, се тресеа затвореници од првиот кат во Казнено поправната установа „Идризово“ откако во затворот влезе специјалната антитерористичка единица – Тигри. Обвинителството поради сомневање за извршени кривично-правни дејствија, претресот го направи за да обезбеди материјални докази. На јавноста веќе и беше јасно дека се бара дрога, мобилни телефони или остри предмети бидејќи и од претходни акции, полицијата заплени недозволени предмети од затворениците кои, очигледно имаат добро разработена шема за нивното внесување внатре.

Финиш на денешната акција

Директорот на затворот, Зоран Јовановски, после пладне извести дека акцијата е завршена и одземени се недозволени предмети. МВР исто така, соопшти дека немало никакви проблеми и завршил претресот со нивна асистенција.

И кога се стиши во Идризово, машина за бетонирање влезе во затворот, за да бетонира два стари канализациски тунели, вон употреба, но за кои, сепак постоела можноста да бидат искористени за бегства од издржување казна.

За жал, ова не е прв пат во дворот на затворот, полицијата да пронајде подземни тунели – копани од затворениците со план за бегство.

Во март минатата година беше откриена ископана дупка со внатрешно светло. Поицијата во последен момент го растури планот за бегство, што наводно го направиле затвореници со високи казни, но јавноста не слушна дали за овој случај некој понесе одговорност.

Најголем затвор или најголем пазар во Македонија?

Логично прашање, бидејќи јавноста многу пати досега слушнала дека во Идризово има и ценовник по кој се набавуваат телефони, алкохол, цигари, дрога… За добро разработената шема во најголемиот затвор, повеќе пати сведочеле и од внатре. Ова е само еден пример,што го објави Алфа тв, по кои цени лани во септември се продовало во ќелиите:

Мени за затворениците во Идризово:

Внесување на: жесток алкохол 3000 денари, вино 2000 денари, внесување на 100 грама марихуана чини 500 евра, на 100 грама хероин е 800 евра, за 100 грама кокаин е 1000 евра. Освен дрога и алхохол има цена и за мобилни телефони. Пет мобилни телефони чини 200 евра по парче, од 5 до 50 мобилни е 150 евра, над 50 чини 100 евра по парче.

Услови во затворот во Идризово

Пренатрупеност, супстандарни услови за издржување казна но и несоодветна здраствена заштита, незадоволна затворска полиција, која нема ниту соодветна ниту доволно опрема, а и тие се чуствуваат небезбедни бидејќи секојдневно трпат притисоци и закани лично и насочени кон нивните семејства. Ова се само дел од слабостите кои ги детектираше Хелсиншкиот комитет заедно со Македонското здружение на млади правници за состојбата во затворите и психијатриските болници во Македонија. Ваквите услови во установи се резултат на негрижата на државата, констатираа граѓанските организации.

„Тоа значи дека нашата држава и понатаму не вложува во она што значи одржување на овие институции. Единствено нешто во кое се движиме напред е што ни се дозволува да влегуваме, колегите од Управата за извршување се колегијални, ни ги даваат информациите што ни се потребни“ изјави во јануари, Уранија Пировска од Хелсиншки комитет.

„Суштината на проблемот лежи во финансиите, односно колку финансиски средства се издвојуваат за овие установи“ рече Александра Цветановска, МЗМП.

Кризна состојба

Во најголемиот затвор „Идризово“ веќе подолго време е прогласена кризна состојба бидејќи нема доволен број полицајци за да ги чуваат затворениците, па за обезбедувањето на објектот дежураат и војници и полицијата. Директорот Зоран Јовановски, изјави дека ситуацијата ќе остане таква додека приправниците не добијат решенија за вработување.

 

Тигрите го тресат Идризово, се бара дрога

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.