
Македонија
Вести
Од 83,29 отсто обработени податоци, односно 2044 избирачки места, процентот на излезност на гласачите за вториот круг локални избори е 42,85 отсто до 17 часот, информираше Државната изборна комисија.
Највисока излезност има во општините Вевчани со 75,6 отсто, Конче со 73,15 отсто, Ранковце со 71,08 отсто и над 60 отсто имаат општините Пробиштип, Пехчево, Росоман, Дебар, Македонски брод, Демир Хисар, Лозово и Демир Капија.
Како општини со најниска излезност до 17 часот се Сарај со 23,41 отсто, Шуто Оризари со 28,48 отсто и Боговиње со 30,23 отсто.
На ниво на Град Скопје, од 89,93 отсто обработени избирачки места, односно 616 избирачки места, процентот на излезност на гласачите е 49,99 проценти.
Во однос на општините на ниво на Град Скопје, во Карпош е највисока излезност со 47,05 отсто, во Аеродром изнесува 42,37 отсто, во Ѓорче Петров 40,75 отсто, во Гази Баба 38, 18 отсто, во Бутел 36,65 отсто итн.
Во однос на приговорите за заштита на лично избирачко право кои пристигнале до 17 часот, вкупно се 433 приговори, од кои 378 се прифатени, 34 се одбиени 21 лице кое поднело приговор веќе било запишано во избирачкиот список.
Освен денешните 9 случаи на прекини на гласањето, од ДИК не регистрирале други вакви прекини во текот на денот. Посочуваат дека на овие избирачки места гласањето ќе заврши по 19 часот, во зависност колку долго траел прекинот.
До Државната изборна комисија немало пријави за инциденти. Оттаму оценуваа дека изборниот ден течи без метежи и гужви.
Министерството за внатрешни работи, пак, во текот на денот соопшти дека во полициската станица Радовиш било пријавено дека Г.К. од радовишко село излегла на гласање и покрај тоа што имала решение за самоизолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Покрај ова, во Кочани двајца полициски службеници пријавиле дека при вршење на редовна служба на избирачко место 858 преземале мерки и активности против едно лице кое се однесувало агресивно кон нив и одбило усна наредба да се оддалечи од местото и да не го попречува изборниот процес.
По расчистување и документирање на случајот, МВР најави дека ќе има соодветен поднесок.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.