![](https://www.magazin.mk/wp-content/uploads/2023/10/0FF92F63-A7BF-4119-AC4A-DB208B5194AA.jpeg)
Свет
Анализа
Израел е подготвен за копнената офанзива во Газа. Тел Авив ги повика жителите на Газа на евакуација. Во текот на ноќта при бомбаридирањата загинале 55 цивили, тврди Хамас.
Израел и Хамас 16-ти ден ги продолжуваат борбите, појасот Газа на раб на хуманитарна катастрофа. Рано утрово Израел изврши воздушни напади врз јужниот дел на Газа и најави дека ќе ги интензивира нападите на северот. Владата на политичкото крило на Хамас објави дека најмалку 55 Палестинци биле убиени во текот на ноќта.
Палестинците велат дека добиле нови предупредувања преку флаери од израелската војска да се преселат од северниот дел на Газа на југот на Појасот – во спротивно ќе се сметаат за соучесници на Хамас.
Портпаролот на Израелската војска Даниел Хагари најави дека Израел ќе ги зголеми нападите на Газа. Според него Хамас и неговите терористички лидери се одговорни за грозоморни злосторства против човештвото.
„Хамас ја почна оваа војна, не Израел. Тие се кријат зад цивилите на Газа и сакаат нивниот сопствен народ да умре за да ги добијат симпатиите од светот. Сакаат луѓето да видат слики од мртви цивили на Газа и уништување. Од почетокот на војната, близу 550 неуспешни ракетни лансирања од страна на Хамас и Исламски џихад паднаа во Газа и убиваа цивили од Газа, изјави Хагари.
Сириските државни медиуми објавија дека израелските напади ги онеспособиле аеродромите во Дамаск и Алепо и загинале најмалку двајца вработени, пренесува Н1.рс. Сириската опсерваторија за човекови права ги потврди нападите, според инфиормациите,додека сириското Министерство за транспорт соопшти дека сите дојдовни летови за Дамаск и Алепо се пренасочени. Израелската војска не ги коментираше извештаите, но Израел го обвини Иран дека фрла оружје на милитантните групи активни во Сирија, пишуваат медиумите.
Во меѓувреме, втор конвој хуманитарна помош чека да влезе во Газа, откако вчера дваесетина камиони влегоа преку преминот Рафа со Египет, за првпат откако Израел воведе блокада пред две недели по нападот на Хамас.
Пет водечки организации на ОН, соопштија дека цивилите во Газа се „на работ на катастрофа“ поради акутен недостиг на храна, вода и медицински материјали. Од ОН предупредија дека болести, сипаници, шуга и дијареја се шират во Газа поради ужасните услови, додека од СЗО соопштија најмалку 130 предвремено родени бебиња се во голема опасност поради недостиг на гориво во болниците во Појасот.
Синоќа, пак, илјадници луѓе во Лондон, Сиднеј, Мексико Сити и Њујорк маршираа со палестински знамиња и транспаренти барајќи Израел да го прекине бомбардирањето и блокадата на Газа.
Израел почна опсада на Газа, отсекувајќи го густо населениот крајбрежен појас на Медитеранот од храна, гориво, лекови, вода и други основни резерви – како одговор на масакрот од Хамас пред две недели во кој загинаа над 1.400 луѓе. Оттогаш, Израел почна со воздушни напади во кои, според проценките, загинаа над 4.000 луѓе.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.