Претседателот на Иран, Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан загинаа во хеликоптерска несреќа што се случи во текот на вчерашниит ден во планинската област Ворзахан.
Иранскиот потпретседател Мохсен Мансури ги потврди извештаите за смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси.
Иранската државна телевизија, исто така, објави дека е потврдена смртта на иранскиот претседател Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан, јави Би-Би-Си.
Претходно, иранската новинска агенција Мехр објави за смртта на Раиси и Амир Абдолахиан, што утринава го потврди неименуван ирански функционер за Ројтерс.
„Нема знаци на живот од хеликоптерот на претседателот Ибрахим Раиси“, соопшти државната телевизија, која подоцна објави дека сите во хеликоптерот биле потврдени мртви.
Ројтерс објави дека хеликоптерот целосно изгорел во падот.
Иранската влада свика итен состанок по смртта на Раиси
Иранската влада за денеска свика итен состанок по смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи на земјата Хосеин Амир Абдолахиан во хеликоптерска несреќа, јави иранската државна новинска агенција ИРНА.
Според фотографијата што ја објави агенцијата, столицата на која обично седи Раиси е празна и покриена со црна лента во спомен на претседателот. Иранските државни медиуми емитуваат исламска молитва меѓу извештаите за смртта на Раиси и уште осум други лица откако хеликоптерот со кој патуваа се урна во иранската провинција Источен Азербејџан.
На профилот на Раиси на Х се објавени стихови од Куранот. „Мир со Ебрахим. Навистина, така ги наградуваме оние што прават добро. Тој беше еден од нашите верни слуги“, се вели во стиховите од Куранот на профилот на Раиси.
Раиси беше втората најмоќна фигура во политичката структура на Иран по врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи.
Koј ќе го замени Раиси?
Откако беше потврдена смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси кој загина во хеликоптерска несреќа, се очекува Мохамад Мокбер како потпретседател на Иран да стане привремен претседател на земјата. Неговата задача ќе биде да помогне во организирањето на претседателските избори, кои треба да се одржат во рок од 50 дена од смртта на претседателот.
Ројтерс објави кратка биографија за Мокбер, во која се наведува дека тој е роден на 1 септември 1955 година и дека важи за близок до врховниот лидер Али Хамнеи, кој го има последниот збор за сите државни работи.
Мокбер стана прв потпретседател во 2021 година кога Раиси беше избран за претседател. Тој беше дел од тимот на ирански официјални лица кои ја посетија Москва во октомври и се согласија да достават ракети земја-земја и повеќе беспилотни летала на руската војска, изјавија извори за Ројтерс тогаш. Тимот вклучува и двајца високи функционери од Иранската револуционерна гарда и еден функционер од Врховниот совет за национална безбедност.
Мохбер претходно беше шеф на Сетад, инвестициски фонд поврзан со врховниот лидер.
Во 2010 година, Европската унија го вклучи Мокбер на списокот на поединци и субјекти што ги санкционираше за наводна вмешаност во активности поврзани со „нуклеарни или балистички проектили“. Две години подоцна, Мохбер беше симнат од списокот.
Во 2013 година, американското Министерство за финансии ги додаде Сетад и 37 компании што ги надгледуваше на листата на санкционирани субјекти.
Сетад, чие полно име е Сетад Ејраие Фармане Хазрети Емам, или Штаб за извршување на имамот, е формиран по наредба на основачот на Исламската Република, претходникот на Хамнеи, ајатолахот Рухолах Хомеини. Тој им наредувал на соработниците да продаваат и да управуваат со имоти наводно напуштени во хаотичните години по Исламската револуција во 1979 година и најголемиот дел од приходите ги насочил во добротворни цели.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.