Што напиша Глигоров за понуденото мито од Грција за промена на името

Објавил: Мирко Бачиќ | 31 јули, 2018 10:21

И “Македонија е сè што имаме” од Глигоров ќе има придавка?!

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Во својата книга “Македонија е сè што имаме”– мемоарски записи напишана 2000 година а објавена 2001 година – Глигоров за прв пат направи осврт на случајот за обид на негов поткуп од Грција за промена на името Македонија во Славомакедонија во вредност од милион долари.

Минатата година почина генерал Николаос Грилакис [ 91 ] поранешен шеф на грчката воено разузнавачка служба и близок соработник и советник за балкански прашања на поранешниот грчки премиер Константин Мицотакис.

Грилакис на македонската јавност и стана познат и како добар пријател на Фрчкоски кој во периодот од 1990 до 1993 година имал редовни средби со лица од македонскиот државен врв кои вршелe притисок врз поранешниот претседател Киро Глигоров да го прифати митото за ново име на Македонија.

Генерал Николаос Грилакис [лево] со неговиот внук Џозеф Леканиди Џозеф Кававулис. 

Поранешниот претседател Киро Глигоров во своите мемоарски записи “Македонија е сè што имаме” запишал – кратко но јасно – за тоа дали е вистина дека имало обид за поткуп за промена на името:

“Имаше – тоа првпат ќе го кажам – еден навистина незамислив обид преку грчките специјални служби да се влијае и врз мене и тоа на извонредно груб начин – да ја прифатам грчката солуција – да направам нешто за да се откажам од името Македонија.

Еден ден министерот за внатрешни работи – Фрчкоски ми предложи да примам некои соработници од службата за да ме известат лично за нешто од нивната работа. Ги примив а тие ми кажаа дека имале некоја средба со нивни “колеги” од Грција и дека тие официјално им рекле да ми пренесат лично мене дека доколку попуштам околу името – готови се да ми префрлат – на која банка сакам во светот – милион долари.”

 

Љубомир Д. Фрчкоски поранешен министер за надворешни и внатрешни работи на Македонија и кандидат за претседател на државата од СДСМ – шеф на македонската полиција за време на атентатот на претседателот Глигоров на 3-ти октомври 1995 година.

Глигоров го кажува и својот став но и реакциите на присутните:

“Јас ги ислушав – прво – долго ги гледав луѓето – а потоа им реков: “Добро бре луѓе – како си замислувате шефот на оваа држава да прими милион долари – да се откаже од името Македонија.

Како ве молам – воопшто сте го замислиле тоа? Како воопшто тоа некој може да си го замисли? Тоа е апсурдна работа – ако тоа некој воопшто некој си го замислил – јас тогаш не сум за ова место.”

Од мене избиваше голема лутина. Тие се грчеја – беше видливо дека им е непријатно – се погледнаа меѓу себе. “Е нам ни рекоа да ви пренесеме!”

Им реков: “Да ви кажам – од тоа нема ништо. Одете си. Му кажав јас и на вашиот министер.”

Вака запиша Киро Глигоров – првиот претседател на самостојна и независна Република Македонија во своите мемоари на страна 365 – 366. По објавата на овие историски факти немаше коментар ни од Фрчкоски ни од генералот Грилакис. Молчеа и молчат и македонскиот и грчкиот политички врв.

Прашање на кое Заев треба да даде одговор е што ќе стои во неговите мемоари – имало ли и сега цена за договор и дали насловот на мемоарите на Глигоров “Македонија е сè што имаме” треба да има придавка?!

[ Киро Глигоров [ 3-ти мај 1917 Штип – 1-ви јануари 2012 Скопје ] беше активист на македонското студентстко и комунистичко движење – македонски и југословенски економист – политичар и државник – прв претседател на самостојна и независна Република Македонија ]

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Политика