Овој предлог ќе биде испратен до Советот на јавните обвинители

Објавил: Калина Мартинска | 18 февруари, 2025 19:29

И официјално Владата побара разрешување на јавниот обвинител Коцевски

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

На денешната седница го задолжи Министерството за правда да достави предлог за разрешување на јавниот обвинител. Овој предлог ќе биде испратен до Советот на јавните обвинители од каде согласно законските одредби потребно е да се добие мислење.

Во мислењето на Министерството за правда за работата на Љупчо Коцевски, државниот јавен обвинител, се вели дека нарушен бил угледот на институцијата со која раководи јавниот обвинител, затоа што чувањето на угледот на институцијата е должност која потекнува од Законот за јавно обвинителство, конкретно член 4 став 1.

„Целокупната јавност во изминатиов период беше сведок на низа скандали, нарушена функционалност на ЈО, незаконски постапувања и корупција, неефикасност и повреда на принципите и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите. Ваквите состојби се комплетно спротивни на обврските кои произлегуваат од законските надлежности“, се вели во предлогот на Министерството за правда.

Владата оцени дека придонесот од јавниот обвинител за овие состојби е значителен и е резултат на низа пропусти и повреди во неговото постапување и извршување на функцијата.

„Овие дејствија со кои се предизвикани тешки последици по функционирањето на јавното обвинителство со што е направено намерно и неоправдана крупна професионална грешка се правните аргументи со кои ќе побараме разрешување на јавниот обвинител пред истекот на мандатот.

Тој покрај правна одговорност, подлежи или би требало да подлежи и на поширока општествена одговорност, особено пред органот кој што го избрал, а пред сѐ пред граѓаните чии интереси треба да ги штити“, се вели во владиното соопштение.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.