„СДСМ конечно ја прифати она што граѓаните одамна го знаат, Унијата за девалвација на институциите (ДУИ) е тежок товар за секое партнерство и машина која произведува само кризи и корупција. По години сервилност и обиди да ја заштити оваа трула партија, СДСМ сега прави задоцнет чекор кон оградување од ДУИ, јавно извинувајќи се за неуспесите“, соопштуваат од ВЛЕН.
„ДУИ не е само изолирана од граѓаните и гласачите, туку и од нејзините доскорешни партнери. Оваа партија, која 22 години ги нарушува сите норми на доверба создавајќи систем во кој доминираат криминалот и корупцијата, повеќе нема место во политиката. Не може да има соработка со партија која ја уништи секоја институција до која имаше пристап, оставајќи ја државата заглавена во ќорсокак, а граѓаните разочарани. ДУИ докажа дека каде што ќе допре, ни трева не никнува!
ДУИ, која две децении ги разочаруваше граѓаните и изгради систем на корупција и злоупотреби, денес остана само со еден партнер во криминалот: Никола Груевски. Со нивните оркестрирани обиди за дестабилизација за време на ноемвриските празници, оваа исцрпена клика уште еднаш покажа дека е подготвена да го жртвува стабилноста и интересот на граѓаните само за да ги заштити сопствените гревови.
Времето на ДУИ заврши! Време е оваа разбиена и изолирана клика, која го држеше развојот во заложништво и предизвика стагнација, конечно да биде минато. Ние, како коалиција ВЛЕН, сме посветени на праведна иднина и политика која е во служба на граѓаните, а не на тесните интереси на политичките клики“, се наведува во соопштението на ВЛЕН.
Реакцијата следи откако СДСМ нема да ги поддржи интерпелациите на ДУИ, бидејќи тие не претставуваат решение на кризата во овој момент, било заклучено на првата седница на новиот состав на Извршниот одбор којашто се одржа вчеравечер. На седницата било нагласено и дека СДСМ е категорично против зголемување на старосната граница за пензионирање.
Извршниот одбор, како што стои во партиското соопштение, оценил дека „неприфаќањето на лидерската средба од страна на власта испраќа лош сигнал и ја потврдува тезата дека очигледно партии на власт и ДУИ немаат интерес од стабилизација, што е многу опасно за државата“.
Оттаму наведуваат дека за СДСМ загрижувачки се тенденциите за влошување на безбедноста и сигурноста на граѓаните и растечките тензии во општеството со загрозување на меѓуетничките односи.
„Во однос на поднесените интерпелации од политичката партија ДУИ, Извршниот одбор заклучи дека нема да ги поддржи и гласа за овие интерпелации. Тие не претставуваат решение за кризата во овој момент и може да значат нови поделби по етничка основа. Потребен беше поинаков пристап, да се седне на лидерска средба и да се упатат заеднички пораки за смирување на тензиите затоа што тој пристап е базиран на политичка зрелост, но власта тоа го одби“, стои во соопштението.
Натаму, се наведува дека СДСМ остро се спротивставува на секој предлог за зголемување на старосната граница за заминување во пензија на 67 години. Таквиот чекор претставува директен удар врз работниците, нивното достоинството и труд.
„Станува збор за продолжување на погрешните политики за систематско потценување и експлоатација на трудот на граѓаните и работниците од страна на Владата предводена од ДПМНЕ. Наместо да обезбедат покачување на платите и подобри услови за работниците, власта сака на мала врата да протне мерки кои ќе ги примораат работниците да работат подолго само за да се финансираат трошоците од нивните популистички потези“, додаваат оттаму.
Ваква мерка, стои во партиското соопштение, ќе придонесе за дополнителна дестимулација за вработување на младите, кои поради неповолните услови за пензионирање, уште повеќе ќе си го бараат чарето надвор од државата.
„Политиките на СДСМ во изминатите години го стабилизираa Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и значително ја намали финансиската дупка, дефицитот од 43 отсто се намали на 33 проценти. Сега ДПМНЕ спроведува погрешни политики со кои ja загрозува одржливоста на Фондот, го зголемува дефицитот“, оценува ИО на СДСМ, додавајќи дека нивен приоритет ќе биде заштита на интересите на работниците и обезбедување услови за достоинствен живот.
Во однос на внатрепартиските активности, се посочува во соопштението, СДСМ веќе направи оперативен план и новото раководство на СДСМ од утре започнува со интензивни теренски активности, во сите општински организации.
„СДСМ ќе го менува пристапот и го враќа гласот на членството при креирањето на политики. До крајот на годината ќе го заокружиме и изборот на претседатели на општинските организации со што целосно ќе заврши процесот на обединување“, се додава во соопштението од седницата на ИО.
Пратеничката група на Европскиот фронт вчера поднесе интерпелации за вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ и за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.