Анализа на ФОКУС

Објавил: Калина Мартинска | 13 септември, 2024 13:19

Како бизнисменот Крмзов од „струмичката империја“ направи рекорден раст во кризна година?!

Фото/Текст извор: ©fokus.mk

Министерството за внатрешни работи, Основното јавно обвинителство и Управата за јавни приходи започнаа акција во чии рамки, по наредба на судија на претходна постапка при Основен кривичен суд-Скопје, се вршат претреси по домови и фирми во Струмица, Гостивар и Скопје, а на распит се викнати бројни управители, адвокати и нотари.

Од МВР информираа дека при претресите е обезбедена поголема документација која ќе биде предмет на дополнителна обработка и анализа со цел обезбедување на материјални докази за потребите на водењето на понатамошна кривична постапка, додека од ЈО соопштија дека оформиле предмет поради основи на сомневања за сторени кривични дела од областа на финансискиот криминал, односно „даночно затајување“ и „перење пари и други приноси“.
Со оглед дека се работи за предистражна постапка, официјално не се соопштуваат повеќе детали, меѓутоа голем дел од медиумите веќе објавија дека мета на надлежните институции е струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, кого патем го поврзуваат со поранешниот премиер Зоран Заев и неговото семејство. Инаку,„Фокус“ пишуваше за Крмзов кога неговите фирми избија на врвот на листите на компании со најголем раст, и тоа за време на кризна година.
Исто така, тогаш утврдивме дека успешно работеле и друштва без вработени или со мал број работници, како што е нафтената компанија „Тритерол“ на Љупчо Пецов, кој, пак, е опфатен во предметот за кој тече судски процес – „Синџир“. Арно ама, Пецов и уште еден осомничен, кој е деклариран пријател на Вице Заев, Стојан Чифлигароски, не се достапни за домашните органи.

Анализата на Неделникот ФОКУС:

Заклучно со ланската 2020 година, во земјава дејствувале над 73.000 фирми, објави Државниот завод за статистика. Претежно, станува збор за мали компании со неколку вработени, кои практично „згрижуваат“ најголем број од оние вкупно 793.000 вработени во цела држава. Сепак, 2.000 од нив немаат ниту еден вработен, ама затоа свртеле вкупно 150 милиони евра.

Според анализата на порталот „Пари“, стоте најголеми компании, без да се сметаат банките, финансиските и осигурителните друштва, лани, во време на здравствена и економска криза, оствариле вкупни приходи од вртоглави 8,4 милијарди евра. Притоа, 3,5 милијарди евра од нив отпаѓаат на десетте најголеми компании.

Во споредба со претходната 2019 година, севкупно земено, приходите на овие топ-100 компании бележат пад за 8 отсто. Имено, кај повеќе од половина од овие големи компании евидентиран е пад на вкупните приходи, меѓутоа кај некои од нив се бележи и раст. Дури, има и такви со фрапантен раст од неколку илјади проценти.

Во овогодинешната листа на „големите“ има 13 нови компании што успеале да направат пробив, при што само 2 влегле во топ 50, што укажува дека едни исти компании го држат приматот. Во елитното друштво на топ-10, пак, има 2 нови компании, кои таму влегле од вториот ешалон, правејќи чекор напред. Кои компании направиле најголем раст, а кои фирми свртеле значителни пари, иако немале ниту еден вработен?! – пишува неделникот. 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.