Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 9-ти декември. Денеска е Зачнување на Света Ана.
Денес Црквата ги слави светите Јоаким и Ана, родителите на Марија, која се удостои, како избрана од целиот човечки род, да го роди самиот Бог.
Уште попрецизно, Црквата се сеќава со радост на зачнувањето на онаа што подоцна ќе ја слават сите родови како Богородица. Во таа смисла, светите Јоаким и Ана Црквата ги нарекува богоотци.
Праведните Јоаким и Ана беа бездетни цели педесет години од нивниот брачен живот. На старост им се јави архангелот Гавриил, секому посебно, и им рече дека молитвите им се услишени од Бога и дека ќе родат ќерка, Марија. Тогаш Св. Ана зачна од својот маж и по девет месеци роди ќерка благословена од Бога и од сите човечки колена, Пресветата Дева Марија Богородица.
Свети Јоаким поживеа на земјата осумдесет, а Ана седумдесет и девет години и се преставија кај Господ.Денешниот ден е празник на чуда за сите жени, особено за оние кои имаат мали деца или сакаат да добијат. Денес, според обичаите, жените не треба да работат ништо, а пак жените кои имаат проблем со зачнување треба да одат во манастир да се молат. Некои таму остануваат и по три дена.
Постои обичај, мајките со женските деца да одат околу куќата и да фрлаат пепел и просо за да ја зачуваат куќата од зли духови.
Жените не работат во текот на денот, а некои бдееат цела ноќ додека не ги слушнат првите петли. Кога ќе ги слушнат велат: Слушам, слушам петле, свое чувам селско збирам“.
Света Ана, мајката на Пророкот Самуил
Жена на Елкан, од Арматем или Ариматеја (1 Сам. 1). Немаше деца бидејќи беше неплодна, заради што горко плачеше и тагуваше. Но, милостивиот Бог се смилува на неа и ѝ ја разреши неплодноста заради нејзините непрестајни воздишки и молитви. Ана го роди својот син Самуил и Му го посвети на Бога уште од неговото детство. Тој беше голем водач на Израилскиот народ и Пророк, помаза два цара, Саул и Давид. А светата Ана Му испеа на Бога благодарствена песна, чудесна според мудроста и убавината, па нејзе и ден денес ја пееме во богослужбите на Црквата (1 Сам. 2, 1).
Свети Софрониј, архиепископ Кипарски
Тој е роден и воспитан на Кипар. Заради неговата голема духовна ученост и многубројните добродетели, особено милосрдноста, го поставија за архиепископ после светиот Дамјан. Откако верно ѝ послужи на Црквата, се упокои мирно, во 6 век.
Скопје 24
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.