Изборите закажани за две недели

Објавил: Калина Мартинска | 15 јуни, 2024 14:56

Кандидатите за претседател на СДСМ ги претставија своите програми во Кавадарци

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Од Кавадарци започна караванот за претставување на кандидатите за претседател на СДСМ пред членовите на партија. „Директни, непосредни избори за претседател во кои одлучуваат членовите е придобивка на демократијата, вредност и одлика на СДСМ“, соопшти партијата.

„На зборови никој повеќе нема да ни верува, туку на делата. А и со дела ќе треба време да мине за да ја вратиме довербата. Тоа ќе биде ѓаволски тешка работа, но мора така, тоа е изводливо со упорност и работа со членството, рече кандидатот за претседател на СДСМ, Венко Филипче.

Тој додаде дека на СДСМ му е потребна реформа на менталитетот, на начинот на кој пристапува во работењето, во односите со луѓето, во планирањето на стратегиите и политиките.

„И таа промена не може да се лажира, или ќе се случи или нема да се случи“, рече Филипче.

Кандидатот за претседател на партијата Јован Деспотовски рече дека СДСМ секогаш мора да презентира јасн изграден став за сите прашања.

„Многумина наши членови деновиве ме прашуваат – Ако бидете претседател на СДСМ, каков ќе ни биде ставот по прашањето на уставните измени? Тука сакам да бидам јасен. СДСМ излезе на изборите, кои беа и референдум за некои прашања со една понуда, за која се залагавме три години. Нашиот политички противник даде друга понуда по ова прашање и доби три пати повеќе поддршка од граѓаните. Оттаму, ако сакаме да покажеме, а не само да кажеме дека навистина ја сфативме пораката од граѓаните ќе излеземе и ќе им кажеме на ВМРО ДПМНЕ – Повелете, добивте мандат од луѓето, сработете, дајте го решението да го разгледаме и да дадеме поддршка да се спроведе. Тоа им го должиме на луѓето. Е, тоа е став. Така ќе покажеме дисконтинуитет со досегашните политики“, рече Деспотовски.

Тој вели дека доколку се овозможи фер постапка без наметнати решенија, СДСМ ќе победи на 30 јуни.

„Многу е важен и резултатот од самиот изборен процес на кој луѓето ќе треба да кажат дали се за континуитет или радикален дисконтинуитет со досегашните пракси и политики“, истакна Деспотовски.

Кандидатката за претседател на СДСМ, Славјанка Петровска рече дека со својата програма „Манифест на социјалдемократијата” ветува прогресивни политики во СДСМ како и враќање кон корените на социјалдемократијата.

„Јас сум дете од партијата, сум израснала со СДСМ и ќе делувам кон враќање на СДСМ на власт. Мојот личен интергитет, кредибилитет и чесно работење се особини со кои верувам дека ќе ја вратам довербата во партијата прво кај членовите, а потоа и кај граѓаните на Македонија. Социјалдемократската партија се соочила со многу предизвици, вклучувајќи изборни порази и политички кризи, но мора да остане силна и посветена на својата идеологија​.​ Мора и да се реограгнизира со итни реформи, кои вклучуваат ветинг процеси за избор на чесни и посветени членови на раководството и подобрување на комуникацијата меѓу органите и телата на партијата​​. Треба да се воспостави и академија за социјалдемократија, која ќе овозможи политичка едукација и континуирано градење на политичкиот потенцијал​​“, рече Петровска и во таа насока додаде дека и изборот на советници треба да се организира низ широк процес на учество на сите членови на партијата.

Каандидатот за претседател на СДСМ, Александар Бајдевски рече дека има искуство да ја раководи партијата во која членува од 1995 година. Тој нагласи дека имаше години кога во СДСМ постоеше единство, другарство, солидарност, идеологија, взаемна поддршка, како и мотив и желба за подобрување на состојбите како во партијата така и во државата.

„Тоа е она што ќе тежнеам да се врати преку моето работење. Заедно со мојот тим, ќе се потрудиме да докажеме дека СДСМ има капацитет и потенцијал да биде водечка сила во државата, да ги поправи грешките од минатото и да овозможи подобар живот за сите граѓани. Еден од стратешките чекори што треба да ги направиме е да ја вратиме препознатливоста на СДСМ. Кога некој ќе нé праша за што се бориме, ние мораме да имаме конкретен, јасен и прецизен одговор. За таа цел, потребно ни е враќање на корените, враќање на основните социјалдемократски вредности, слободата, правдата,солидарноста, еднаквите шанси за сите. Иако постои перцепција дека во оваа земја граѓаните не ги интересираат идеологија и вредности, јас цврсто верувам дека мораме да изградиме препознатливост кај гласачите преку нашето опстојување и бескомпромисно залагање за вредностите што ја карактеризираат нашата идеолошка матрица“, нагласи Бајдевски и ја посочи важноста на децентрализација на СДСМ.

За време на претставувањето на кандидатите за претседател на СДСМ од членството кое беше присутно беа поставени голем број на прашања.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.