Министерот прв реагираше, денеска молчи

Објавил: Калина Мартинска | 13 мај, 2024 21:27

Каракамишева до Правда: Шест пати е изменет Изборниот законик и никој не видел дека пишува Република Македонија?

Фото/Текст извор: ©mkd.mk

„Амандманите на Уставот во Службен весник беа објавени на 12 јануари 2019 година. Од тогаш до март 2024 година се направени шест измени и дополнувања на Изборниот законик. И никој не видел дека името на државата во сите тие измени останало Република Македонија?

И сега виновна е професорката, претседателката Гордана Сиљановска Давкова затоа што при давањето на свечена изјава не кажала северна“? Со овие зборови во изјава за МКД.мк реагира професорката по уставно право и политички систем Тања Каракамишева на демантот на Министерството за правда на денешниот текст на МКД.мк во кој таа посочува на одговороност на министерството.

Каракамишева во порано обвјавениот текст на МКД.мк на прашањето дали станува збор за грешка или превид во Изборниот законик каде зборот „Северна“ не фигурира во текстот на свечената изјава и каде треба да се бара „проблемот“, одговори:

„Дали некој направил грешка или превид во врска со измените и дополнувањата на Изборниот законик, чиј пречистен текст е објавен во март 2024 година, тоа треба да го одговарат тие што биле задолжени во неговата подготовка во Министерството за правда. И тоа прашање секако не се однесува на претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Прашањето на свечената заклетва го регулира Изборниот законик“.

Министерството за правда упатиле демант до МКД.мк во кој наведе дека нема одговорност бидејќи „Изборниот законик беше предложен од страна на група пратеници во Собранието во два наврати и беа објавени во Службен весник на 11.03.2024 и 03.04.20224 година“, откако претходно политичките партии не го прифатиле текстот на законикот предложен од работната група формирана од министерството.

Каракамишева нагласува дека вкупно шест измени има Изборниот закон во текот на петте години.

„Го прочитав демантот на министерот за правдa во заминување дека нема негова одговорност за неусогласениот текст на Изборниот законик со Уставот па еве јавно да го прашам колку измени и дополнувања на Изборниот законик гледа долу во фуснотата од 2019 до 2024? Галиба 6 се, нели Лога?“, вели Каракамишева, реагирајќи и преку својот фејсбук профил на демантот.

Таа својата реакција ја илустрира со извадок од Службен весник за пречистениот текст на Изборниот законик каде името на државата е дефинирано како Република Македонија и се наведени датумите на претходно донесените измени и дополнувања на законикот, меѓу кои се и шесте измени во периодот откако државата го има новото уставно име.

Како што е веќе познато, Каракамишева синоќа на својот фејсбук-профил објави дека во членот 123 од Изборниот законик, во текстот на свечената изјава што ја дава претседателот на државата, буквално пишува Република Македонија. Таа за МКД.мк нагласи дека Сиљановска Давкова во Собранието го испочитува Изборниот законик.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести