Универзитетска професорка

Објавил: Калина Мартинска | 4 септември, 2024 13:24

Каракамишева за Законот за јазиците: Законот излегува надвор од Охридскиот Рамковен договор

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

После 5 години поминати во фиока, го поздравувам чекорот на Уставниот суд конечно да расправа по поднесените иницијативи и на еден објективен и стручен начин да ја испита уставноста на контроверзниот Закон за употреба на јазиците, вели универзитетската професорка Тања Каракамишева во изјава за Канал 5.

„Да потсетам дека и Венецијанската комисија упати неколку клучни препораки во насока на негова доразработка и допрецизирање. Токму Венецијанската комисија изрази сомнеж во можноста да се применува законот, таа најде одредби кои се прилично проблематични и практично неприменливи, тука посебно мислам на одредбите што се однесуваат на судските постапки, со акцент да се отстрани ризикот од непочитување на принципот на предвидливост на казнените одредби со што би можело да се повреди член 7 од ЕКЧП, нејасност дали одредбите од законот се однесуваат на сите малцински јазици во земјата или само на албанскиот јазик, да се обезбеди поголема правна прецизност и јасност на законот итн.

Венецијанската комисија оспори неколку членови од Законот за употреба на јазиците

Неговата неуставност се темели на неколку основи.

Во Законот за јазиците не постои разлика меѓу македонскиот јазик како службен јазик на целата територија и во меѓународните односи, и јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните како службен јазик, практично ги изедначува македонскиот и албанскиот јазик во примената на целата територија, а во некои елементи и во меѓународните односи (член 16, став 2).

Со ова законот го прекршува амандманот V на Уставот каде јасно е наведено дека македонскиот јазик е задолжителен за сите и има дејство erga omnes, додека другите јазици што ги зборуваат најмалку 20% од граѓаните се факултативни и треба да дејствуваат во уставно утврдените рамки. Во амандманот V пишува „може“, а не „мора“ да се употребува друг јазик различен од македонскиот како што пропишува Законот

Законот излегува надвор од Охридскиот Рамковен договор, посебно од точката 6. „Образование и употреба на јазиците“ (точки 6.4; 6.5; 6.6; 6.7; и 6.8) каде се дефинира рамката за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните.

Примената на албанскиот јазик во институционалната практика под закана на глоби (за раководни и за правни субјекти), контрола и инспекција е спротивно на меѓународната јазична легислатива и практика, како и на Уставот на РМ.

Предвидените мерки за задолжителна употреба на албанскиот јазик, кога се работи за стенограми, документација и архиви, веб-страници, печати и називи, надвор од единиците на локалната самоуправа каде што се 20%, ќе го легитимираат двојазичниот и двонационалниот идентитет на РМ, со што ќе го деградираат стекнатото државно конститутивно право на македонскиот народ и ќе го релативизираат статусот на македонскиот јазик и ќе ги дискриминираат помалите етнички/јазични заедници.

Со законот јазикот што го зборуваат 20 % станува службен и задолжително се употребува во сите органи на државната власт, но и во други органи и институции (ДИК, образовни, научни, здравствени, културни институции, нотаријат, инфраструктурни објекти, економија, финансии), што отстапува од одредбите на Уставот на РМ и на Рамковниот договор. Ваквиот статус, не само што отстапува од уставниот туку наметнува и други обврски од процедурален, административен, кадровски и финансиски карактер!

И покрај тоа што во Рамковниот договор воопшто не се споменува употреба на друг јазик во работата на Владата, ниту во амандманот 5 се зборува дека во државните органи службен јазик е и јазикот што го зборуваат 20 %, туку дека „може да се користи во согласност со закон“, со овој закон се воведува целосна двојазичност во Владата, НО И ВО ДРУГИТЕ ИНСТИТУЦИИ.

Спорна е двојазичност на униформите на полицајците, пожарникарите и здравствените работници. Амандманот V на Уставот може да важи за вработените во локалните, а не во државните институции.

Одредбите за книжните и кованите пари, како и поштенските марки дека треба да содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните не им е местото во Закон за употреба на јазиците и тој е норма натрапник. Освен тоа, тој е дискриминаторски и спротивен на амандманот IX на Уставот. Инаку, и досега, како на парите така и на марките, се аплицирале симболи од културното наследство на сите заедници.

Во законот се пропишува двојазичност на униформите на полицајците, пожарникарите и здравствените работници. Точно е дека според став 6 на амандманот V на Уставот, во единиците на локалната самоуправа службен јазик, покрај македонскиот, е и јазикот што го зборуваат 20 % од граѓаните, но оваа одредба може да важи за вработените во локалните, а не во државните институции.

Финансиските импликации од примената на ваков Закон ќе бидат преголеми и несразмерни во однос на средствата кои се издвојуваат за проучување и промоција на македонскиот јазик и на јазиците на другите заедници во РМ!“ е ставот на Каракамишева.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.