Се враќа во затвор

Објавил: Калина Мартинска | 10 јули, 2024 14:12

Катица Јанева „фатена“ дека не оди на работа кај синот и го загуби правото за делумна слобода

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева е вратена во затворот во Идризово.

Според неофицијалните информации, по спроведената проверка, Управата за извршување на санкции констатирала неправилности во отпустот кој на Јанева и овозможуваше делумна слобода, односно да работи во канцеларија на приватна компанија.

По направената проверка, утврдено било дека канцеларијата каде што Јанева требало да биде ангажирана воопшто не работела по што таа била упатена на целосно издржување на казната.

Таа била должна да се пријави ако не е таму. Направен е записник и веќе нема да може да користи делумна слобода. Таа има право повторно да побара но со оглед дека го прекршила веќе нема да ѝ биде дозволено – потврди  директорот на Управата Александар Пандов.

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева се вработи во адвокатската канцеларија на нејзиниот син Лазар Јанев во февруари годинава. За новото вработување Јанева која беше осудена на седум години затворска казна во судскиот предмет Рекет, се пофали на социјалните мрежи.

Од Управата за извршување санкции тогаш рекоа дека Јанева ја добила оваа привилегија пред околу еден месец, согласно Законот за извршување санкции поради тоа што има отслужено 5 од вкупно 7 години затворска казна.

Платата која што ја заработува Јанева оди на сметка на затворот Идризово, а директорот Јовица Стојановиќ вели дека заедно со екс специјалната обвинителка има уште околу 100 осдудени лица кои излегуваат дневно од затворите со ваков третман. Тие одат на работа секој ден, а навечер се враќаат во затворот.

Тоа го потврдува и синот, Лазар Јанев, кој ја вработи мајка му во неговата автокатска канцеларија. Лазар Јанев беше вработен како менаџер во поранешната телевизија 1ТВ на шоуменот и водител Бојан Јовановски алијас Боки 13, кој беше осуден во случајот „Рекет“, исто како и специјалната обвинителка Катица Јанева.

Во 2021 година Боки 13 беше осуден на 9 години затвор за примање награда за противзаконско влијание и за перење пари, а Јанева на 7 години за злоупотреба на службената положба и овластување како специјална јавна обвинителка.

Јанева ја издржува казната во КПУ Идризово, каде што по извесно време од издржувањето на казната беше вработена како библиотекарка во затворската библиотека.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.