Гледам во медиумите нарачани текстови против мојот избор како член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Накратко, од власта ме напаѓаат дека било преседан што се вклучувам во политика затоа што сум бил воено лице, реагира Драган Ковачки.
Неговиот Фејсбук статус го пренесуваме во целост:
Вака, мојата професионална определба е сосема неважна. Сите граѓани пред законите се еднакви и сите имаат еднакви права. Гледам дека СДСМ и Министерството за одбрана тоа не го разбираат, а плурализмот, демократијата и еднаквоста пред законите се флоскули за дневна употреба, а не суштина на општественото живеење. Но, има време, ќе се демократизираме, ќе научат.
Во политиката се вклучувам затоа што чуствувам должност и одговорност кон Македонија, а борбата за рушење на оваа криминална структура што и нанесе ненадоместлива штета на татковината треба биде императив за секој чесен Македонец и граѓанин.Сите мора да се избориме мафијашите да не седат во владата, туку да завршат позади решетки. Тоа е европска вредност за која вреди да се бори човек, а не да молчи и да чека плата на први во месецот.
Ме обвинувате за етика, меѓутоа заборавате да кажете дека јас не се кријам и јавно се декларирам дека ми е чест и гордост да бидам дел од најголемата и единствената македонска патриотска партија ВМРО-ДПМНЕ.
Прашајте ги моите потчинети дали некој некогаш бил дискриминиран заради неговата политичка определба.
Кога сме кај етиката, ме интересира кој тоа беше на вечера кај Боки 13, а лажеше дека не бил и зошто не е процесуирано делото?
Кој тоа прими штикли од 2000 евра на поклон од осуденикот Боки 13, а не се изјаснува дека примил?
Кој тоа крши закони, злоупотребува службена позиција и купува опрема од земја која не е НАТО членка, а се фали со НАТО?
Кој тоа ги утна стратегиските документи и бара начин како на мала врата да се сменат и зошто за тоа некои веќе беа и парично наградени? Ќе ги вратат ли парите?
Кој тоа си користи класифицирани мапи од борбените единици и ги постира на фејсбук, а не одговара за тоа?
Кој тоа за партиски цели објавува видео снимки од сертифициран класифициран безбедносен систем на воена служба од земја членка на НАТО? Одговорност како по обичај, нема.
Зошто се’ уште немаме висок воен претставник во НАТО во Брисел, а веќе го промовираа во медиумите човекот пред 8 месеци? Етички ли е проблемот или нешто друго е во прашање?
Етика ли е кога за прием на војници списоците се прават во локален партиски штаб на СДСМ?
Етика ли е кога за унапредување на офицерите мора да добиеш одобрение од општински штаб на СДСМ?
Етика ли е кога за да заминеш на мировна мисија мора да те стават на список од истиот тој партиски штаб на СДСМ?
За крај, последно прашање до вас: Кој тоа ви дозволи да ми се обраќате и да ме напаѓате во име на Министерството за одбрана?
Тоа министерство е на народот, наше е, не е на СДСМ.
За споредба, јас во тоа министерство 21 година активно давам и оставам се’ што имам, а никаде не се повикувам на него, а вие што 4 години го разнебитувате се дрзнувате да ме напаѓате на лична основа.
Јас од ова би се срамел, не знам за вас.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.