Неспремни

Објавил: Калина Мартинска | 9 јуни, 2024 16:07

Конгресот на СДСМ се одложи на неопределно

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Денешниот Конгрес на СДСМ се прекина и одложи откако раководствата на општинските организации побараа дополнително време за подготовка на извештаите за парламентарните и претседателските избори.

Ова барање на општинските организации било прифатено од страна на раководството на партијата.

Според информациите на дел од медиумите, Конгресот е одложен, а телата и органите на партијата ќе информираат за датумот за негово продолжување.

Ковачевски: По Конгресот СДСМ ќе треба да излезе посилен и пообединет 

Претседателот на СДСМ во оставка Димитар Ковачевски се надева на успешен конгрес од кој социјалдемократите ќе излезат посилни и пообединети. Очекува, како што рече, отворена дебата, раководството да даде отчет за изборниот резултат а делегатите да се изјаснат за довербата во партиските органи.

„Очекувам отворена дебата и да се разговара отворено и конструктивно за сите прашања кои влијаеа на изборниот резултат на овие избори и на изборите во 2021 година бидејќи тогаш не беше одржан отчетен конгрес. Делегатите ќе имаат за што да разговараат, членовите на раководството ќе имаат свои одделни експозеа. Мислам дека ќе биде успешен Конгрес од кој СДСМ ќе треба да излезе посилен и побединет и да влезе во процесот на финализирање на избор на нов претседател и ново раководство“ рече Ковачевски пред Конгресот.

Ковачевски поднесе оставка вечерта на 8 мај откако беа јасни резултатите од парламентарните и вториот круг од претседателските избори. Тогаш рече дека одговорноста за поразот освен кај него е и во целото партиско раководство вклучително и сите партиски функционери на централно и локално ниво.

Фатмир Битиќи кој исто така поднесе оставка од потпретседателската позиција, од денешниот конгрес очекува и партијата да изгради став како ќе делува во следниот период.

„Би требало секоја демократска партија после избори да го направи, отворено да се зборува за изборниот резултат, за сите состојби пред изборите и како понатаму во следниот период, особено затоа што не очекува еден период на внатрепартиски избори. Сметам дека ова е точка на преврат во партијата и затоа е многу битен ден за мене“ рече Битиќи.

Отчетен конгрес на СДСМ, ќе се анализираат изборните резултати

СДСМ  започна постапката за избор на нов лидер и целосно ново раководство:

На 30 јуни непосредни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.