Косово најави жалба до Спортскиот суд во Лозана за денешниот пораз на „зелена маса“ од селекцијата на Романија, на мечот во Букурешт од Лигата на нации кои го напуштија пред самиот крај.
УЕФА одлучи да го регистрира мечот со 3:0 за Романија и да ја казни Косовската фудбалска федерација со 6000 евра за однесувањето на играчите. Фудбалската федерација на Романија е казнета со вкупно 128.000 евра поради однесувањето на навивачите, а репрезентацијата на Романија следниот меч на домашен терен ќе го одигра без публика.
„За федерацијата и играчите на нашата репрезентација, оваа одлука е потврда за мудроста на нашите постапки против расистичките пароли и провокативните политички изјави за Косово. Оваа одлука целосно ги оправдува нашите постапки и горди сме што нашиот тим правилно ја процени ситуацијата со изборот да го напушти теренот во знак на протест против дискриминаторското однесување. Оваа одлука потврдува дека Косово постави нов стандард за заштита на достоинството и почитта во меѓународниот фудбал. И покрај тоа, не се согласуваме со одлуката на Косово да му се одземат три бода и мечот да се регистрира со 3:0 во корист на Романија. Во врска со оваа одлука, федерацијата ќе поднесе жалба до Судот за спортска арбитража во Лозана“, се вели во соопштението.
Романскиот фудбалски сојуз ја обвини репрезентацијата на Косово дека намерно и без вистинска причина го напуштила теренот на натпреварот од петтото коло од Лигата Ц на Лигата на нации во Букурешт.
Косовските фудбалери во самиот финиш на натпреварот при резултат 0-0 решија да го напуштат теренот поради, како што самите изјавија, погрдни и расистички скандирања на тамошните навивачи. Иако главниот судија потоа ги повика косовските фудбалери да го продолжат натпреварот, тие го одбија таквото сценарио и решија да останат во соблекувалната.
Ден подоцна Романскиот фудбалски сојуз ја обвини ривалската страна и додаде дека ова е пресметан потег на репрезентативците на Косово, бидејќи во тој момент не им одговарал актуелниот резултат (0-0). Имено, на табелата во таа група 2 пред меѓусебната средба, Романија беше прва со 12 бода, додека Косово имаше три бода помалку. Доколку овој дуел во Букурешт завршеше со 0-0 пред последното коло, Романците ќе ја задржеа предноста од три бода и ќе беа подобри во меѓусебните дуели.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.