Академик

Објавил: Калина Мартинска | 10 октомври, 2024 15:44

Коцарев: Враќање на името Македонија е единствениот исправен пат за младата генерација

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

„Остварување на македонското национално единство и враќање на името Македонија се единствениот исправен пат, по кој треба да зачекорат денешнава генерација Македонци и македонски политичари. Договорите со Грција и со Бугарија означуваат дека Македонија веќе денес е без минато, без сегашност и без иднина. Тие два договора го ништат, го искоренуваат колективниот македонски идентитет“, вели академик Љупчо Коцарев од Македонската академија на науки и уметности во својата колумна со наслов „Еден народ е народ преку другите народи“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Ќе ја парафразирам Катица Ќулавкова дека „нашиот јужен сосед, кога ја формирал својата национална држава, точно пред два века, имал слобода да го избира“ својот колективен идентитет – тие во мај 1827 го одбраа грчкиот колективен, а не македонскиот колективен идентитет како свој. Тоа што денес во Грција неколку милиони нејзини граѓани избираат нивниот личен идентитет да биде македонски, не значи дека нашиот колективен идентитет не може да биде македонски. Напротив! Оттука, потреба од враќањето на името Македонија.

Македонскиот национализам се обидува да ги спаси македонската култура, јазик и историја, а национализмите на некои наши соседи, оживотворени во нивната официјална државна политика, ги водат Македонците директно во духовни „гасни“ комори – во нивен идентитетски геноцид.

До 2018 година колективниот македонски идентитет беше признаен од повеќе од 130 земји, вклучувајќи ги сите десет најнаселени земји во светот: Кина, Индија, САД, Индонезија, Бразил, Пакистан, Нигерија, Бангладеш, Русија, Мексико. А, денес? Македонскиот просторно-временски јазично-дијалектен континуум е сѐ уште е реалност за повеќето, можеби за сите, држави, освен за Бугарија. Сепак, ние уште понизно живуркаме воопшто не помислувајќи да го раскинеме Договорот со Бугарија и така ги поддржуваме бесмислените уцени на Бугарија.

Внесувањето на македонскиот јазик во ООН, иако во референтниот документ на ООН за главните обележја и податоци за земјите – се користи кратенката UNTERM, за разлика од 2022 година, веќе не постои податокот „македонски јазик“! Значи, всушност има само признавање на литературниот (државниот) македонски јазик, но не и признавање на македонскиот просторно-временски јазично-дијалектен континуум.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.