Јавниот обвинител со исклучителна сериозност ги зема апелите на премиерот Мицкоски за зголемување на борбата против корупцијата.
Од ЈОРМ информираат дека Коцевски наредил итна и сериозна реорганизација на силите во сите јавни обвинителства, а донесено е и упатство според кое се задолжуваат сите јавни обвинители итно да дадат приоритет во постапувањето на предметите за корупција и од особен јавен интерес.
На ваквите предмети приоритет ќе се дава и во преземањето на дејствијата од страна на истражните центри на јавните обвинителства, а сите обвинители кои имаат во работа такви предмети се задолжени итно да извршат нивно ажурирање во смисла на проверка на преземените дејствија и на веќе издадените наредби и барања и на пристигнатите одговори од надлежни органи и институции. Доколку по издадени наредби и барања не е пристигнат одговор или соодветни податоци од надлежни институции и органи во законски определениот рок, веднаш ќе бидат испратени ургенции за итно постапување, информираат од ЈОРМ.
Шест месеци тишина обвинител – Коцевски не постапува по најкотроверзните случаи
Основните и вишите јавни обвинители имаат рок од 10 да одржат стручни колегиуми на кои ќе постават рамка за поефикасен кривичен прогон на овие предмети. За сите овие активности до Коцевски ќе бидат доставени извештаи по кои ако се процени неоправдано одолговлекување ќе се иницираат и санкции.
Коцевски веќе иницирал и дисциплинска одговорност за Виш јавен обвинител од Скопје кој во 4 предмети се откажал од жалба или обвинение, поради кои пред еден месец суспендиран беше и шефот на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи.
Иницирањето на дисциплинската постапка е уште една потврда за посветеноста на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија да овозможи ефикасен кривичен прогон на сторителите на кривични дела и да побара одговорност од јавните обвинители кои неоправдано ги одолговлекувале постапките или неоправдано се откажувале од кривично гонење, стои во соопштението
Премиерот Мицкоски изминатиот период повеќепати посочи дека е разочаран од однесувањето на поедини обвинители кои го попречуваат спроведувањето на правдата и наместо да отвораат истраги, отвораат боледувања. Итната реорганизација на јавните обвинителства следи откако најави дека од понеделник почнуваат со акција за справување со корупцијата во правосудството.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.