Владата незадоволна од работата на јавниот обвинител

Објавил: Калина Мартинска | 11 февруари, 2025 17:06

Која е постапката за разрешување на државниот јавен обвинител?

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Владата на денешната седница го задолжи Министерството за правда да превземе активности за поведување на постапка за разрешување на државниот јавен обвинител.

-Разочарувањето на Владата од постапувањето надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од системот кој не функционира, а секојдневното продолжување со ваквите состојби, резултира со нарушена доверба и нефункционирањето на правната држава, истакна владината портпаролка Марија Митева.

Таа образложи под кои аргументи беше донесена ваквата одлука:

-Најпрво се отвори расправата за последниот индекс на транспарентност кој беше објавен денес и од каде детално можеше да се види дека конкретно четири точки се однесуваат на состојбите кои се случиле во обвинителството и судството.Дополнително, последното именување на ВД шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје е одлука која е незаконска, односно надвор од одредбите пропишани во законот за јавното обвинителство, рече Митева.

Според Законот за јавно обвинителство, републичкиот обвинител го избира и разрешува Собранието, а го предлага Владата од оние кандидати за кои добила позитивно мислење од Советот на јавни обвинители.

Во Законот за јавното обвинителство се пропишува дека јавен обвинител се разрешува од функцијата пред истекот на мандатот поради незаконито, ненавремено или недоволно стручно вршење на функцијата, ако со своето однесување и дејствување покажува дека не е способен за извршување на функцијата, ако не поднесува барање за покренување на кривична постапка за случаи предвидени со закон и поради нарушување на угледот на функцијата.

Предлогот од Владата оди до Советот на ЈО кое го разгледува барањето со наведените причини зошто бара разрешување, а Коцевски на таа седница не треба да присуствува бидејќи е член по функција.  За тоа има рок од  15 дена. Доколку истече времето поради оправдани причини, се продолжува за уште толку. Доколу по еден месец нема мислење се смета дека Советот на јавните обвинители не се согласува со разрешувањето на републичкиот јавен обвинител.

За да се избере или разреши обвинител потребно е да гласаат 61 пратен “за”.

Мандатот на републичкиот обвинител трае шест години, а Коцевски беше избран на оваа позиција пред една година.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.