
Македонија
Вести
Преговорите меѓу премиерот Зоран Заев и крилото на Беса предводено од Билал Касами ни вчера не донесоа напредок, но владеачкото мнозинство ги има потребните 80 гласа и без двата пратеника на албанската опозициска партија. Ова се последните информации што вчера попладне кружеа по собраниските ходници додека се чекаше почетокот на седницата за последната фаза од уставните измени. Неколкуте одлагања на стартот – закажан во 13 часот, па два пати одлаган и на крајот презакажан за денеска – сигнализираа напрегната атмосфера во обид да се стигне до договор со Касами.
Премиерот Заев се обидувал да убеди уште еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, за да има двотретинско мнозинство за уставните измени. Има варијанат Џафери да ја продолжи седницата оти прво треба да се гласа текстот на уставните амандмани, за кои е потребно 61 глас. По ова седницата да се прекине и повторно да продолжи кога ќе се обезбеди двотретинско мнозинство.

Вчера на социјалните мрежи се појавија непотврдени шпекулации дека во ресторанот Пастел во центарот на Скопје, кој е во сопственост на поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски средба имале Никола Тодоров, Спиро Ристовски заедно со пратениците Даниела Рангелова, Илија Димовски и Никола Поповски и Елизабета Канческа на кои се разгледувала понудата на Заев да се обезбедат дополнителни гласови од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Зоран Заев вчера истакна дека доколку не успее да обезбеди 80 пратеници ќе понесе одговорност пред органите на партијата.
Деновите се броени, денеска треба да се гласа првиот амандман, ако не се гласа, одговорноста ќе си ја понесеме сите за процесот. Ако се изгласа среќата ќе ја споделиме. Ако нема мнозинство следува Централен одбор на СДСМ и понесување одговорност. Ние ставивме се на оваа карта. Верувам до небото во овој процес, од непроценлива важност е за сите граѓани. Но на крај одговорноста е на пратениците – изјави Заев во пресрет на вториот ден од собраниската расправа за уставните амандмани.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.