
Македонија
Вести
Доживотен затвор му пресуди скопскиот Кривичен суд на Елвин Куртовиќ за убиството на скопскиот бизнисмен, 59-годишниот Васил Ефтимов.
Тој претходно призна вина за делото, но не и за другите кривични дела за кои се товареше „нелегално поседување на оружје“ и „обид за убиство“ на полицајците кои беа во потрага по него на критичниот ден.
-Обвинетиот Елвин Куртовиќ од Скопје овој суд ве огласува виновен за сторено кривично дело убиство по член 123 ст.2 во врска со ст.1 точка 4 од КЗ, кое кривично дело го признавте на главната расправа одржана на ден 10.03.2025 година. Овој суд ве осудува на казна доживотен затвор,- изјави – Моника Бахчовановска – Судија.
Куртовиќ на претходното рочиште кога призна вина, рече дека излегол од затворот Идризово на викенд и не се вратил, постојано се дрогирал, а и на денот на убиството бил под дејство на кокаин. Неговата адвокатака пак тогаш образложуваше дека Куртовиќ со конзумирањето дрога не можел да расудува правилно но и дека државата потфрлила не успеала да го ресоцијализира. Но судијката Бахчовановска пред да ја соопшти пресудата го образложи психијатриското вештачење според кое Куртовиќ бил пресметлив.
-Во таа состојба сте се довеле самите себеси. Тоа не значи за судот дека вашата кривична одговорност треба да биде намалена и избегната, во никој случај. Државата ниту било која институција на државата, којашто ја претставува државата не може да биде одговорна за дејствија преземени од страна на поединец. Склони сте кон тоа да напаѓате и ноѓате други виновници за тоа што се наоѓате во ситуација во којашто се наоѓате,- изјави – Моника Бахчовановска – Судија .
За двете дела кои не ги призна на Куртовиќ ќе му се суди дополнително.
Лани во август сред бел ден Куртовиќ со еден истрел во градите го застрела 59 годишниот скопјанец Васил Ефтимов. Ја ограби неговата сопруга, а од возилото им одзел кутија со рачен алат.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.