Морина беше приведен од страна на македонската полиција пред неколку дена, откако се наоѓаше на листа на Интерпол.

Објавил: Перо Милчин | 3 август, 2019 21:11

КРИВИЧЕН СУД: Османи и Нухиу не може да го посетат Томор Морина!

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Вице-премиерот Бујар Османи и заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу нема да може да го посетат Томор Морина кој се наоѓа во притвор во затвор, пишува 21Тв.

Поранешниот припадник на ОВК Томор Морина, учесник во борбите во Косово, пред неколку дена беше уапсен во нашата земја на граничниот премин Блаце.

Според дописот до кој дојде ТВ21, барањето се одбива бидејќи функционерите немаа право да посетуваат притворени лица.

Од МВР потврдија дека Морина е уапсен по барање на Србија, поради сомнение за учество во воени злосторства против цивилното население на Косово.

„Во врска со вашето барање од 30.07.2019 година без број, да биде издадена согласност лицето Томор Морина, кое се наоѓа во притвор во КПУ Затвор Скопје – Скопје, денес да биде посетено од страна на Заменик Претседателот на Владата на Република Северна Македонија д-р Бујар Османи и Заменик Министер за внатрешни работи Агим Нухиу, ве известуваме дека согласно одредбите од чл. 178 од Законот за кривична постапка, лица кои вршат функција Заменик Претседател на Влада на Република Северна Македонија и Заменик Министер за внатрешни работи, не се лица кои може да посетат притвореник“, се вели во известувањето од Судот испратено до Владата.

Српските медиуми пишуваат дека се очекува во наредниот период да се покрене постапка за испорачување на Морина во Србија, односно Министерството за правда да упати барање до македонското правосудство кое треба да одлучи дали се исполнети условите за негово испорачување.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.