Поднесена

Објавил: Калина Мартинска | 12 декември, 2024 21:56

Кривични пријави против двајца ексдиректори на Фондот за иновации

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Против поранешен директор на Фондот за иновации и технолошки развој е поднесена кривична пријава за нереализиран проект на фирмата Хојо тек од Струга.

Се работи за проектот наречен Грин Хојо, кофинансиран од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР). Проектот бил за собирање податоци преку IoT-уреди за да се искористи решението за паметен дом за да се направи енергетски поефикасна канцеларија/куќа/стан.

Постои основано сомневање дека Фондот е оштетен за 4.000.000 денари, затоа што е сторена „злоупотреба на службена положба“ од страна на поранешно ракoводно лице, директорот Фестим Халили. Корисникот иако не ги испочитувал обврските од договорот и правилникот, директорот Халили не го раскинал договорот, а исплатите се етапно завршени. За корисникот Хојо Тек и одговорното лице Дашмир Истрефи има сомневање за сторено казнено дело „измама“. Одговорното лице како трошоци со коишто ги правда добиените средства, прикажува едни фактури, за потоа да ги корегира на барање на овластен ревизор – како доставување на трошок за закупнина и слично. Тоа го прави со цел да го доведе во заблуда Фондот и да се стекне со имотна корист од 4.000.000 денари.

Од досега пронајдените докази, постои сомневање дека од самиот почеток на проектот има внатрешна соработка помеѓу раководно лице и лица вработени во ФИТР и корисникот кој го добил грантот од 4.000.000 денари, па понатамошната истрага може да докаже основано сомневање и за други дела.

Од ревизијата на работата на ФИТР, произлезе уште една кривична пријава, исто така против поранешен директор на Фондот, Коста Петров.

Во овој случај се работи за проект на Фротирка АД Делчево финансиран од ФИТР, незавршен проект, исплатен, а без никаква соодветна реакција од раководното лице, во случајот поранешниот директор на ФИТР Коста Петров.Раководните лица биле предупредени од ревизорската куќа Гранд Тортон ДОО Скопје дека Фротирка АД Делчево не постапува согласно договорните услови . На 7 октомври 2019 година, Гранд Тортон, ревизорската куќа ангажирана од ФИТР, известила дека корисникот Фротирка навреме не доставил извештаи до ФИТР. Според правилникот, за да се префрлат средства од страна на Фондот, корисникот треба да има најмалку 70% реализација на проектот, а корисникот имал 54%. Проектот на корисникот почнал на 1 октомври 2018 година и требало да заврши на  30 јуни 2019 година.

Според правилникот на ФИТР корисникот е обврзан да достави завршен извештај во рок од 60 дена по истекот на последниот календарски ден од проектот, а ревизорот констатира дека корисникот нема доставено извештај во предвидениот рок. За спроведените набавки, корисникот не доставил доказ дека понудите се доставени до Фондот, што е спротивно на на чл.22 став 1 алинеа 2 од правилникот. Ревизорот констатира дека корисникот и по завршување на проектот врши негова реализација. На 18 октомври 2019 година, Гранд Тортон извршила теренска посета и констатирала дека извршниот директор ја одлагал теренската посета. Потоа било утврдено дека Фротирка требала да набави шест нови машини: машина за дублирање (drum assembly winder), две машини за кончање (smart TFO Twister), две машини за ткаење (Leonard Dyna Terry) со жакард глави (staubli), машина за шиење (Sharing machine). Но, ревизорот утврдил дека во моментот на теренската посета, корисникот набавил само една машина, машината за шишање (Sharing machine).

На 18 октомрви 2019 година, Гранд Тортон доставил и трето известување до ФИТР во кое констатира дека корисникот спротивно на правилникот, на 15 март 2019 година подигнал готовина од наменската сметка на проектот (354.000 денари), а на 19 јули 2019 година парите ги вратил. Ревизорот констатира дека корисникот нема одобрение за извршените набавки од Фондот и дека на 6 декември 2019 година, откако проекот е завршен (дури и ако постоело одобрение за пролонгирање, повторно рокот е пробиен) корисникот реализирал 54% од проектот. Со непреземање ништо, овластените лица на ФИТР овозможиле Фротирка АД Делчево да се стекне со противправна имотна корист во износ од 19.839.264 денари.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.