Маршот ќе започне во 12 часот од паркот Ибни Пајко (во кругот на НОБ, Филхармонија и Даут Пашин Амам)

Објавил: Данаил Михајловски | 8 октомври, 2019 9:16

Културен штрајк со хор и опера денес во 12 часот

Фото/Текст извор: ©магазин

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) денес ќе одржи штрајк. Културните синдикалци правото на штрајк ќе го организираат со протестен марш со цел, како што велат културните работници, да го изразат нивното незадоволство и разочарување од згазените социјални права поради отсуството на општ колективен договор веќе 15 години. „Протестот има за цел да ги алармира Владата и Министерството за култура дека вработените во културата повеќе нема да толерираат газење на нивното достоинство и дека маршот е само вовед кон следните чекори во синдикалната борба за основни социјални права“, пишува во најавата.

Напуштете ги работните места за миг и излезете на улица за вашите права! Да не дозволиме уште едно ветување да не биде исполнето и да влеземе во уште една година без потпишан Колективен договор. Да излеземе масовно и да испратиме порака дека бараме КОЛЕКТИВЕН СЕГА!, апелираат од синдикатот.

Маршот ќе започне во 12 часот од паркот Ибни Пајко (во кругот на НОБ, Филхармонија и Даут Пашин Амам) со краток говор на претседателката Сања Арсовска, ќе продолжи пред Владата, каде хорот на Националата опера и балет ќе изведе дел од операта „Хорот на Евреите“ од Набуко. Маршот ќе заврши пред Министерството за култура каде по краток говор на секретарот Гоце Павловски, претседателите на сите 46 синдикални организации на СКРМ ќе ја пренесат пораката на маршот – „Колективен сега“, односно дека културата бара колективен договор кој ќе стапи на сила од први јануари 2020 година.

„Изминуваат 14 години од последниот гранков колективен договор во културата. Четиринаесет години без јасно дефинирање и групирање на работни места во институциите,  без правична валоризациjа на трудот во сите дејности, без прецизно поставување на критериумите за безбедност и здравје при работа,  без додатоци од плата, теренски и службени дневници… Четиринаесет години без достоинствени плати за сите вработени“, се вели во најавата на протестот. До овој момент нема најава дали министерот за култура ќе им се придружи на штрајкувачите или можеби дел од протестот ќе биде Роберт Алаѓозовски, советникот на премиерот Заев. 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.