Акција со Интерпол

Објавил: Калина Мартинска | 3 февруари, 2025 11:08

Лажните евра од Скопје, стигнале до Германија, Австрија и Косово: Полицијата откри како функционирала балканската криминална група

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Во голема меѓународна акција координирана од ЕУРОПОЛ, македонската и српската полиција разоткрија организирана криминална група која се занимавала со фалсификување пари на територијата на повеќе држави. Во Скопје, Велес и Прилеп биле уапсени 10 лица, додека во Србија приведени се уште шест осомничени.

„Во акцијата биле пронајдени и запленети околу 500.000 евра, 25.000 американски долари, големи суми во други валути, како и специјални машини за изработка на лажни банкноти. Полицијата открила и три пиштоли, една пушка и стотици куршуми, што дополнително ја засилува тежината на случајот“, информираат од МВР.

Криминалната група, составена од македонски и српски државјани, користела специјални машини со гравирани плочи за изработка на лажни банкноти во различни апоени. Фалсификуваните пари биле пуштани во оптек во Северна Македонија, Србија, но и во Австрија, Германија, Романија, Словенија, Хрватска и Косово.

Во голема акција на МВР пронајдена печатница за фалсификувани евра и долари

Во текот на претресите, полицијата пронашла CNC машини, калапи, жигови и валјаци со кои биле печатени фалсификуваните пари, како и копии од делови на банкноти. Покрај тоа, запленети се три пиштоли, една пушка, голема количина муниција, како и непознати прашкасти супстанции, кои ќе бидат предмет на вештачење.

Против шест македонски и двајца српски државјани ќе биде поднесена кривична пријава за фалсификување пари, а истрагата продолжува.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести