Селекторот на македонската машка ракометна репрезентација, Кирил Лазаров одлучи да не менува ништо во составот за дуелот со Холандија. 16-те играчи кои се најдоа против Унгарија ги оправдаа очекувањата на нашиот предовник.
Ова значи дека својата шанса на еден од следните мечеви ќе ја чекаат Иван Галевски, Александар Петковски Валентин Карасманакис.
Македонските ракометари од 18:00 часот во второто коло од прелиминиарната фаза на Светското првенство во ракомет ќе излезат на мегдан со Холандија, во обид да се осигура пласманот во следната фаза и да се освојат поени кои ќе се пренесат во главната рунда.
Во првиот натпревар, Македонија одигра нерешено, 27:27 против репрезентацијата на Унгарија, додека Холандија со 17 разлика ја победи репрезентацијата на Гвајана, аутсајдерот во нашата група.
Од групата во главната фаза одат три репрезентации и ги пренесуваат поените освоени против репрезентациите кои ќе ја поминат прелиминарната фаза.
Лазорв пред натпреварот ја препушти фаворитската позиција на Холандија, истакнувајќи дека Холанѓаните играат поразличен ракомет од Унгарија, што помалку одговара на играта на македонската репрезнтација.
„Тоа не значи ништо бидејќи ние мораме да го одработиме нашиот дел од задачата, да играме онака како што ќе замислиме. Ме радува што имаме добра атмосфера, што момците работат напорно и што тоа го покажаа на првиот натпревар. Ќе ни треба слично издание и против Холандија, да бидеме на највисоко ниво, да се бориме и да не гледаме кон резултатот“ изјави Лазаров.