На денешната лидерска средба, според извори на Магазин, Мицкоски го предложил 13-ти септември како можен датум за избори, додека Заев инсистирал избори да се одржат на 28ми јуни, за што добил поддршка од БЕСА и ДПА. Партијата на Зијадин Села и неговиот коалиционен партнер Алтернатива предложиле изборите да се одржат или 9ти август. Претседателот на ДУИ предложил две опции, едната избори што поскоро, јуни или 5ти јули, но рекол дека подоцна за нив не е опција. Средбата сеуште е во тек, но според нашите информации малку е веројатно дека политичките партии ќе успеат да усогласат заеднички прифатлив датум за одржување на изборите кои требаше да се случат на 12ти април, но се одложија заради Корона вирусот.
Предлогот на Заев за одржување на брзи избори крајот на јуни била неговата убеденост дека пандемијата со Корона вирусот е стабилизирана, дека јуни е месец во кој не е премногу топло, како и претпоставката дека на есен се очекува втор бран на ширење на заразата Ковид-19, па затоа е добро дотогаш да има стабилна влада која ќе се бори со заразата. Но, на прашање на другите присутни од каде му е информацијата дека на есен ќе има втор бран од заразата Заев немал прецизен одговор, но рекол дека дел од граѓаните веќе стекнале имунитет на оваа заразна болест. За овој став Заев добил поддршка од Мендух Тачи (ДПА) и Билал Касами (БЕСА).
Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ рекол дека во овие моменти кога дневните бројки на новозаразени се околу 20-30 луѓе и кога за жал сеуште има и смртни случаи, не е најбезбедно граѓаните да бидат втурнати во ризични избори, кои би биле некредибилни. Мицкоски напоменал дека за кредибилен изборен процес потребна е и полна набљудувачка мисија од ОДИХР од околу 300 посматрачи, за што ОБСЕ сеуште не дале прецизен одговор дали и кога ќе можат на таков начин да ги покријат изборните дејствија. Врз основа на консултации со домашни и странски стручни лица од областа на здравството, како и консултации со експерти за набљудувачки мисии, Мицкоски најпрвин го предложил 30ти август како можен термин, аргументирајќи дека во тој период здравствените ризици за граѓаните би биле далеку помали. На овој предлог реагирал Али Ахмети кој рекол дека за ДУИ август не е месец кој е соодветен за кампања и за избори. Како реплика на оваа забелешка Христијан Мицкоски предложил и втор можен датум за избори крајот на летото, на 13-ти септември, период во кој климата се очекува да биде пријатна, а дотогаш и здравствените околности и условите поврзани со набљудувачката мисија на ОДИХР би биле поповолни од состојбата што ја имаме денес. Средбата сеуште е во тек.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.