Пожарникарите се обидуваат да го кренат автобусот за да водат дали под него има повредени или загинати, увидот е завршен, но нема официјално соопштение за причината за несреќата

Објавил: Мартин Попоски | 16 декември, 2018 13:24

Маж и две жени се загинати во автобуската несреќа кај Лесковац

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Маж на возраст од 68 години и две жени кои сe уште не се идентификувани се загинатите во тешката автобуска несреќа што се случи ноќеска кај Лесковац, потврдија од МНР.

Се работи на идентификација на двете загинати патнички.

Министерот за здравство Венко Филипче, генералниот секретар на Влада Драги Рашковски и претставник на амбасадата на РМ во Белград патуваат кон местото на несреќата.

МНР соопшти и дека за сега официјално од српските власти ја имаат добиено само информацијата во врска со превозникот, а тоа е дека станува збор за автобуски превозник од Струга, со регистарски таблици Euroturs SU 3325 AC.

Лекарите од Ургентниот центар во Ниш соопштија дека кај нив се донесени четворица тешко повредени пациенти, а во болницата во Лесковац другите 28, сите надвор од животна опасност.

Автобусот со македонски регистарски таблички што излета од автопатот кај Лесковац ноќеска во 01:45 часот tргнал синоќа во 19 часот од Битола и сообраќал на редовната линија за Виена. Сопственикот Џитан Истрефи изјави дека автобусот, произведен во 2006 година, редовно ги поминувал техничките прегледи.

Испративме друг автобус и наши вработени на местото на несреќата за да ја видат состојбата и да се преземе се што е потребно. Нашите автобуси редовно се сервисираат, кај нас нема грешки. – изјави Истрефи, не изнесувајќи други детали за несреќата.

Како што јавија српските медиуми, во тек е идентификација на жртвите. Четири патници се со повреди опасни по живот, и префрлени се во Клиничкиот центар во Ниш додека останатите се задржани во болницата во Лесковац.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.