
Македонија
Анализа
По трет пат, во 2021 година, Македонија нотира успех од 100% при известувањето со податоци и информации во однос на повеќе медиуми од животната средина за претходната 2020 година, согласно обврската кон Европската агенција за животна средина – ЕЕА да доставува периодични и годишни податоци за состојбата со животната средина во нашата држава.
Македонскиот информативен центар за животна средина (МИЦЖС) како дел од Министерство за животна средина и просторно планирање известува со податоци за квалитетот на воздухот, емисиите во воздухот, биодиверзитетот, ублажувањето на климатските промени (национални инвентари за стакленички гасови) и водите.
Континуитетот на овие највисоки успеси на Македонскиот информативен центар за животна средина и Министерството се од особена важност во однос на одржувањето на техничката подготвеност на државата за членство во ЕЕА и усогласување со највисоките стандарди за мониторинг на животната средина во Европа.
Една од целите на ЕЕА е да се процени исполнителноста на земјите членки и соработнички со ЕЕА во однос на таканаречените Core Data Flows – приоритетен проток на податоци и информации кои се доставуваат до ЕЕА, со цел укажување на состојбата на националните системи за мониторинг и управување со податоците за животна средина, но и за техничката подготвеност за имплементација на електронските известувања со податоци и информации кон ЕЕА, како и за човечките ресурси – експертизата на националната мрежа на експерти – EIONET – чиј составен дел се претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, но и Институтот за Јавно здравје, Управата за хидрометеоролошки работи и други државни институции кои придонесуваат за ефективно управување со податоците за состојбата со животната средина.
И покрај тоа што членувањето на Северна Македонија во ЕЕА е поврзано со членството во ЕУ, континуираниот процес на јакнење на капацитетите на националните експерти и потребите за одржливо планирање и инвестиции за реализација на националните приоритети за зајакнување на системите за мониторинг на животна средина – треба да бидат приоритети на највисоко ниво, поради зголемениот обем на работата во секторот животна средина во Европа, но секако и поради потребите од унапредување на состојбата и перспективата на животната средина во Северна Македонија.
Преглед на извештајот ТУКА.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.