Извештај на Фридом Хаус

Објавил: Калина Мартинска | 11 април, 2024 17:50

Македонија останува хибриден режим, назадува борбата со криминалот и судството

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Македонија останува хибриден режим и во најновиот извештај на Фридом Хаус „Нации во транзит“.

Фридом Хаус во истата категорија става 11 држави, кои имаат карактеристики на автократија и демократија. Бидејќи не припаѓаат на ниеден од двата блока целосно, нивните институции се ранливи, што во 2023 довело до поголемо назадување отколку напрадување, се вели во извештајот.

„Во Западен Балкан тоа било особено нагласено. Во Србија имало „историско назадување. се вели извештајот, пред се` заради напорите на претседателот Александар Вучиќ за консолидирање на моќта во 2023. Но, Македонија е веднаш зад Србија. Во Македонија има најголем пад во регионот после Србија. Годината беше обележана со политичка поларизација и меѓупартиска борба во владејачката коалиција, како и со опозицијата. Главната опозициска партија, продолжи да игра нагласено опструктивна улога“, вели за Гласот на Америка Александра Карпи, која е една од двајцата изработувачи на извештајот.

Македонија страдала од назадување во примената на принципот на владеење на правото и попуштила пред упорната корупција на високо ниво, додека политичките партии влегле во конфронтација во врска со уставните амандмани наложени од бугарското вето што ги попречува напорите на државата да влезе во Европската унија.

Осврнувајќи се на Македонија поконкретно, извештајот вели дека државата е „цикличен хибрид“, што се карактеризира со редовни промени во владејачката елита коишто не дозволуваат со време да дојде до суштинска структурна промена. Станува збор за „комбинација на реален политички плурализам и површни институционални промени“, објаснува Фридом Хаус илустрирајќи го тоа во случајот на Македонија со примерот на поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство од 2017.

„Ниту тој, ниту неговите најблиски соработници, не се изведени пред лицето на правдата за нивните злоупотреби на функцијата. Уште полошо, со контроверзните промени на Кривичниот законик во 2023 се намалија казните за вакви злоупотреби, со што големи случаи беа отфрлени додека јавноста уште не се опоравила од фаталните коруптивни скандали во здравствениот сектор“, вели Карпи.

Тоа, според неа покажува колку е исполитизиран судскиот систем.

„Годинава имаше низа скандали во правосудниот систем, како со Државниот судски совет, а потоа и со неговиот шеф. Сето ова го отсликува неуспехот на судските и антикорупциските органи кои треба да им служат на граѓаните. Мислам дека во моментов во Македонија кај македонските граѓани преовладува чувството дека овие институции не работат да му служат народот, туку на одррредени поединци“, наведува Карпи.

Реакција на СДСМ

За претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски тврди дека го разбира разочарувањето на граѓаните. Владата што тој ја предводел се фокусирале на економијата и зачувувањето на стандардот на граѓаните. Извештајот на Фридом Хаус за него не е ништо ново..


ВМРО-ДПМНЕ критикува

„Корупцијата исто така останува главна грижа и за јавноста и за другите меѓународни актери, особено за ЕУ и САД, кои постојано ја критикуваат Република Македонија дека не успеа ефикасно да се справи со посочените проблеми. Во наведениот контекст не смееме да заборавиме дека токму меѓународната заедница препознаена преку ЕУ и САД постојано вложува максимални напори да ни помогне со финансирање на разни програми, пренесување на искуства и знаења, но истовремено покажува сериозна решителност за санкционирање, како што беше неодамнешниот случај со објавување на црната листа на САД на која се најдоа голем број на политичари од власта.

Владеењето на правото, ефикасноста на правосудната власт и справувањето со корупцијата се сериозни проблеми кои во голем дел продолжуваат да ја загрижуваат македонската јавност, која веќе стана имуна на скандалите во областа на правосудството и јасно ја забележува немоќта и неподготвеноста на државата и нејзините институции и поединците во нив да се спротивстават на политичките влијанија и на другите предизвици со кои очигледно се соочуваат.

Крајно време е да се променат негативните состојби и тенденции кои за жал особено се изразени во последните неколку години и кои сериозно ја разоруваат основата на нашата правна држава, вели потпретседателот на партијата, Тимчо Муцунски.


Реагира и коалицијата „ВРЕДИ“

„Извештајот на Фридом хаус е вознемирувачки. Вината за ова не е само техничката влада, туку овластувањата од повеќе од 20 години. Системот на корупција, заедно со неговите гласноговорници кои се кандидираат за претседател, мора да се отстрани“, вели Таравари – претседателски кандидат.

Таравари нагласува дека општината со која тој раководи секогаш добивала позитивни извештаи за транспарентност и антикорупција.

„Истото ВРЕДИ да се прави и на државно ниво. Да ја тргнеме корупцијата од власта, да ја отвориме вратата на новата генерација“, вели Таравари.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.