Македонците во Србија го чествуваа Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј
Традиционално како и изминатите години македонската заедница во Србија и годинава го одбелжа 24 мај-Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, пред споменик на Св.Кирил и Методиј кој е подарок на академскиот вајар Томе Серафимовски на градот Белград, венци положија македонскиот амбасадор Никола Тупанчески заедно со српските власти и амбасадорите на Словачка, Украина, Бугарија и на ЕУ, како и преставници на Националниот совет на македонското национално малцинство и здруженијата од Белград.
Вечерва во Педагошкиот музеј во организација на здружението Македониум ќе се одржи свечена академија на која д-р Анита Ангелевска ќе говори на темата „Кирилометодиевистика-траење низ вековите“ и Ангел Василковски на темата „Просветителството на Св.Кирил и Методиј како par excellence рамноапостолство“, придружувани со ансамблот „Македониум“ и хорот на ОУ „Доситеј Обрадовиќ“ од Белград.
Од 2019 година, 24 мај во Србија се слави како национален празник – Денот на словенската писменост и култура.
И Македонците во Албанија го одбележаа Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј
Во организација на Македонска алијанса за европска интеграција – МАЕИ, а во соработка со здруженијата на Македонците со потекло од Егејска Македонија, денеска им беше оддадена почит на семакедонските и сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, за нивното големо дело, ширењето на словенската писменост.
На настанот, што се одржа во Музејот „Стерјо Спасе“ во село Глобочани, претседателот на партијата Васил Стерјовски оцени дека солунските браќа се исклучителни личности, чие дело во ширењето на словенската писменост останува фундамент во нашата култура и образование.
-Македонците од Албанија, сме горди наследници на нивната мисија, продолжувајќи да гo чуваме и негуваме македонскиот јазик, култура и традиции. Ова манифестација е одраз на нашата заедничка решеност да го зајакнеме и сочуваме македонскиот идентитет преку границите – рече тој.
Исто така, додаде, не можеме да останеме неми на историските настани кои ги обележаа Македонците од Егејскиот дел на Македонија.
Нивната борба и страдања, нагласи тој, особено за време на граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, оставија длабоки рани. Поддршката на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија и на секоја иницијатива за враќање на нивните права е израз на нашата солидарност и обврска кон правдата.
-Сакам да ја искористам оваа прилика, за да потенцирам дека историјата не треба да се заборави и треба активно да се работи за тоа таквите горчливи периоди никогаш повеќе да не се повторат.
Нека овој настан биде уште еден чекор кон засилување на врските и меѓусебното разбирање меѓу сите Македонци. Нека е честит и за многу години денот на македонските и сесловенските просветители, посака Стерјовски.
На свеченоста присуствуваа заменик градоначалникот на општина Пустец, Атанас Плоча, отец Алексо Темелко, како и претставници на училиштата и други гости.
Присутните ги поздравија и Ташко Јовановски претседател на Здружението за духовно обединување Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија, професорката Нада Јурукова која зборуваше за животот и делото на светите браќа Кирил и Методиј, како и професорката Виолета Ачковска која во своето обраќање зборуваше за Македонците од Егејска Македонија и граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.