МВР

Објавил: Калина Мартинска | 10 август, 2024 10:27

МВР: Најстрого ќе биде санкциониран тој што ја оштетил спомен плочата кај Карпалак

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Министерството за внатрешни работи најостро го осудува оштетувањето на спомен плочата кај Карпалак поставена во спомен на загинатите припадници на безбедносните сили во 2001 година.

-Ја известуваме јавноста дека се преземаат сите потребни мерки и активности за расчистување на случајот и најстрого санкционирање на сторителот. Денеска (09.08.2024) во 11:05 часот во СВР Тетово е пријавено дека е оштетена спомен плочата поставена кај Карпалак. По расчистување на случајот, соодветно ќе ја известиме јавноста, велат од МВР.

МО најостро го осуди оштетувањето на спомен плочата кај Карпалак: Веднаш превземаме активности за поставување на нова спомен плоча во најбрз можен рок

Министерството за одбрана најостро го осудува немилиот настан со оштетување на спомен плочата на загинатите бранители кај месноста Карпалак. Настанот е регистриран од страна на надлежните служби на министерството уште во утринските часови, велат од Министерството за одбрана.

– Настанот веднаш е пријавен во Министерството за внатрешни работи, за превземање на соодветни мерки за идентификување на сторителите на овој немил чин. По соодветните дипломатски линии, случајот е пријавен и до меѓународната заедница. Министерството за одбрана веднаш превзема активности за поставување на нова спомен плоча и истата ќе биде поставена во најбрз можен временски рок, информираат од МО.

Во поглед на поставување на спомен обележје на месноста Карпалак, Министерството за одбрана информира дека во изминатите 7 години превземени се иницијативи за поставување на спомен обележје кои не се во согласност со законската регулатива од оваа област.

– Имено не е земено во предвид дека местото каде што е предвидено да се постави споменикот е заштитен појас каде може да се градат објекти во функција на автопатот и постојано се добивани негативни одговори од надлежните институции, односно се превземени активности за да не се направи апсолутно ништо, додаваат од МО.

Министерството за одбрана во координација со надлежните институции ги разгледува сите законски можности за поставување на достојно спомен обележје.

Вчера, на одбележувањето на 23 годишнината од смртта на 10-те бранители, заедничка делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата положија цвеќе на спомен плочата на бранителите кај месноста Карпалак. Во спомен на бранителите, во родниот град на македонските херои, Прилеп, беше оддадена почит и беа положени венци со свежо цвеќе пред комплексот Карпалак.

Десетмината прилепски бранители, Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски ја платија највисоката цена и ги положија своите животи за својата татковина за зачувување на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет, наведува МО.

ВИДЕО: Вандализам кај Карпалак, уништена и остранета спомен плочата на убиените македонски бранители еден ден по одбележувањето на годишнината

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.