Судскиот совет со заклучок сака да менува законска норма! Во понеделникот во Судскиот совет се одржал работен колегиум, затворен за јавноста, на кој се отворила расправа за противзаконско продолжување на мандатот на претседателката на Републичкиот судски совет (РСС). Имено, членот на РСС Весна Дамева на 5 декември 2022 година е избрана за претседател на Судскиот совет, а мандатот ѝ завршува на 5 декември годинава, пишува на својот фејсбук-профил потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски и коментира дека Судскиот совет со заклучок сака да менува законска норма.
„Членот 8 став (5) од Законот за Суски совет е многу јасен: мандатот на претседателот на Советот и на заменикот претседател на Советот трае две години без право на повторен избор.
Сега дел од членовите на РСС, заедно со Дамева, се обидуваат на претседателката на Судскиот совет да ѝ дадат бонус продолжување на мандатот од 8 месеци, како компензација за периодот во кој беше неделовнички разрешена од таа позиција во април 2023 година. Со 9 гласа ‘за’ бил усвоен ваков незаконски заклучок на затворениот колегиум во РСС на 25 ноември. Овој заклучок е спротивен на чл.8 од Законот за Суски совет, а истиот е и без основа бидејќи со пресудата на Управниот суд од декември 2023 се поништи неделовничката одлука на РСС и со тоа истата не предизвикува правно дејство.
Да биде иронијата поголема, овој контраверзен записник на РСС, во кој со заклучок се предлага незаконско продолжување на мандатот на претседателката на Судскиот совет, сега не им се доставува на членовите кои гласале против. Циркус во боја. Судскиот совет наместо извор на право и судски стандарди стана создавач на неправо и политички клиентелизам. Со ваквото работење Дамева и нејзинината коалиција во РСС можат да успеат само во едно, и онака ниската доверба од 2% да ја паднат на уште пониско ниво“, пишуваМилошоски.
Вчера, прашан за состојбите во Судскиот совет премиерот Христијан Мицкоски изјави дека корупцијата и криминалот ќе продолжат да растат ако не се преземат решителни чекори. Тој остро ги критикуваше состојбите во правосудството, нагласувајќи дека досегашната толеранција на ваквите неправилности ја поттикнува корупцијата.
„Додека имаме вакви судии и обвинители, корупцијата и криминалот ќе цветаат. Време е за робусна акција и нови чекори,“ изјави тој, додавајќи дека е неопходна решителност за да се спречат ваквите игри и да се врати довербата на граѓаните во правосудниот систем.
Тој кажа и дека на секоја седница на Влада читаат ревизорски извештаи и директно го прашуваат државниот ревизор дали има основа за кривични дела и дали тоа е доставено до обвинителството.
„И на секоја седница на Влада го добивам истиот одговор, да, доставено е. Што значи дека имаме стотици случаи доставени до обвинителството. Дали вие сте слушнале освен тоа кога на некој обвинител кога треба да потпише налог за приведување или претрес му се слошило, добил дијареја, со гушење, покачена температура или добила итн. Секогаш тие наоѓаат некаков начин да ја опструираат акцијата на органите на прогонот. Јас сум жестоко разочаран од ова што се случува денеска, но верувајте нема да бидам уште долго, туку ќе влеземе во една робусна акција и ако треба со тие корумпирани судии и обвинители ќе се справиме и на поинаков начин“, изјави премиерот Мицкоски.
„Корупцијата нема да исчезне додека има луѓе кои го штитат системот на неправда. Затоа, неопходни се нови чекори и решителност,“ порача премиерот.Најавата за продолжување на мандатот на Весна Дамева, заедно со контроверзите околу случајот „Скопски пазар“, укажува на сериозни предизвици во правосудниот систем. Името на Весна Дамева е актуелно и поради случајот „Скопски пазар“, каде што се споменува и нејзиниот сопруг, Младен Дамев. Овој случај, кој се однесува на продажбата на акции и блокирани финансиски средства од околу 700 илјади евра, сè уште чека судска разрешница.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.