Сам да не си ги заминува

Објавил: Калина Мартинска | 14 мај, 2024 15:52

Министерот во заминување го разреши директорот на Токсикологија, не и економската директорка која не знае македонски јазик

Фото/Текст извор: ©telma.mk

Министерот за здравство Илир Демири го потпишал решението со кое се разрешува медицинскиот директор на Клиниката за Токсикологија, доктор Данил Петровски.

Решението денес пристигнало во правните служби на Клиниката, а за разрешувањето добивме потврда и од министерството и од директорот Петровски.

Медицинскиот директор беше разрешен од вршител на должност директор поради неправилности во работата. Во однос на годишниот одмор ве известуваме дека тој има право да го користи како вработен на кого му е продолжен работниот однос по 64 години од неговото пензионирање. Нема законска пречка дека во време на одмор не смее да се разрешува. Тој ќе остане да работи на клиниката, соопштија од министерството за здравство.

Директорот Петровски потврди дека е информиран од правната служба за неговото разрешување и вели дека ќе го чека образложението на решението пред да даде било каков коментар. Не ја исклучува можноста да е разрешен бидејќи синоќа дежурал на Клиниката во период кога е на одмор а тоа го сторил исклучиво поради недостиг на кадар.

Со реакција околу разрешувањето се јавија вработените во Клиниката кои го осудија овој чин и укажуваат дека според упатствата на Антикорупциската комисија е незаконско бидејќи изборниот процес сеуште тече.

Втората неправилност за која се набедува и разрешува медицинскиот директор е говор на омраза на етничка основа, кој вработените го отфрлаат како невистинит, неоснован и недокажлив, односно е чиста шпекулација нарачана од поединци на клиниката и реализирана преку новинар кој и во 2 часот наутро си дава за право да упаѓа на клиниката, реагираа вработените во клиниката за токсикологија.

Вработените сметаат дека најмалку што може да стори министерството е да ја разреши и директорката Иљази и прашуваат дали вработувањата на некомпетентни лица на Клиниката се користи за собирање на политички поени бидејќи на Токсикологија и е потребен квалитетен и образуван персонал вработен по Мерит систем.

Од министерството нема најава дека ќе се повика на одговорност организациониот директор  Бесија Иљази или дали се истражуваат наводите за лошо менаџирање со финансиите на Клиниката.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Здравство