Митко Јанчев, Никола Тодоров и Петар Богојески Бунтур нема да формираат нова партија!

Објавил: Данаил Михајловски | 25 октомври, 2019 10:38

Митко Јанчев и Никола Тодоров се пишман за нова партија

Фото/Текст извор: ©магазин

На шест месеци пред одржувањето на предвремените избори, довчерашниот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ вели дека нема амбиции да учествува на нив. „Имам премногу обврски како градоначалник на Кавадарци и сакам да го исполнам тоа што го ветив – градот да биде убаво и пристојно место за живеење“, вели Митко Јанчев за “Независен весник“. Неговото име се споменуваше во контекст на формирање нова политичка партија, во која би влегле и други поранешни членови на ВМРО-ДПМНЕ, како екс министерот Никола Тодоров, контраверзниот Сашо Мијалков, реформаторот Петар Богојески Бунтур кој и е советник на Шеќеринска и други личности на кои повеќе им се допаѓа работата на владата, отколку политиката на ВМРО-ДПМНЕ.

Митко Јанчев беше сменет од потпретседателското место во ВМРО-ДПМНЕ во време кога седум пратеници од оваа партија гласаа за смена на Уставот и за Преспанскиот договор. Разрешувањето беше објаснето со дејствување спротивно на интересите на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија, заради силна соработка со Зоран Заев, како и организирање на група за притисоци, уцени, закани и поткуп на пратеници од опозицијата да гласаат за уставните измени, при што биле користени најниски методи. Недоразбирањата на Јанчев со раководството на ВМРО-ДПМНЕ ескалираа кога тој, Сашо Мијалков, Петар Бунтур и Нино Тодоров јавно почнаа да агитираат за опцијата членовите на ВМРО да учествуваат на референдумот за смена на името, па макар и со гласање против. Сепак мнозинството членови на ВМРО-ДПМНЕ беше за бојкот на незаконскиот референдум за смена на името. Точно една година подоцна, градоначалникот на Кавадарци и натаму е член на ВМРО-ДПМНЕ, но и натаму е со истите ставови, пред сѐ кога е во прашање евтоинтеграцијата на нашата земја.

Митко Јанчев отворено праќаше сигнали дека е спремен да соработува со премиерот Зоран Заев, но секогаш истакнувал дека во тоа не гледа личен интерес, туку заради интересот на општина Кавадарци.

„Нема вистина во тоа. Во овој момент не размислувам за нова политичка партија“, дециден е Јанчев во изјавата за „Независен весник“. Тој не сака да го прогнозира исходот од престојните избори и најавите од неговата партија дека ќе извојуваат убедлива победа и ќе се вратат на власт. „Изборите се мерило и предизвик за секоја партија. Пред натпреварот, сите имаат шанса“, подвлекува Јанчев. Но, со самото тоа што градоначалникот Јанчев сега се пишмани во однос на идејата за нова партија изгледа како сигнал дека тој и неговата екипа не сакаат да му прават било какви пречки на ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на изборите на кои партијата може да излезе како победник.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Политика