Дебарско-кичевскиот

Објавил: Калина Мартинска | 26 ноември, 2024 13:38

Митрополит Тимотеј ќе биде погребан во четврток на Плаошкиот манастир во Охрид

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Дебарско-кичевскиот Митрополит Тимотеј ќе биде погребан во четврток на 28 ноевмри на Плаошкиот манастир во Охрид, одлучи Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква. Заупокоената Света Литургија и Опелото ќе бидат извршени во четврток во храмот „Св. Софија“ во Охрид, со почеток во 9 часот.

Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), во постојан состав, на 26 ноември 2024 година одржа вонредна седница и го определи датумот за погребение на блаженоупокоениот Дебарско-кичевски Митрополит Тимотеј. Синодот определи заупокоената Света Литургија и Опелото да бидат извршени во четврток на 28 ноември 2024 година, во храмот „Св. Софија“ во Охрид, со почеток во 9 часот, информираат од САС на МПЦ.

На Светата Литургија ќе чиноначалствува Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со надлежните епархиски архијереи на МПЦ – ОА, како и со претставници од другите Помесни Православни Цркви.

Верниците се простуваат од упокоениот митрополит Дебарско-кичевски Тимотеј

Со заупокоена утринска Света архиерејска литургија што од изутринава се отслужува во Храмот на Свети Пантелејмон на Плаошник, верниците од дебарско-кичевската епархија денеска се простуваат од упокоениот владика Тимотеј.

Со литургијата чиноначалствува викарниот епископ на Дебарско-кичевската епархија, неговото преосвештенство епископот Антаниски господин Партениј во сослужение на бројни свештеници од Епархијата.

Посмртните останки на Митрополитот Тимотеј на проштално збогум ќе бидат изложени во храмот на Плаошник се до крајот на вечерната служба.

Почина владиката Тимотеј

Инаку, Митрополитот Тимотеј почина вчера во Скопје, по кусо боледување.

Владиката Тимотеј раководеше со Дебарско–кичевска епархија од 1981 година како нејзин Администратор со седиште во Охрид, од каде што со голем елан, самопрегор, трпеливост и тактичност ќе раководи и со Австралиската аперхија до 1995 година, кога доброволно ја отстапува на друг надлежен архијереј.

Во изминативе 43 години како архијереј на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Митрополитот Тимотеј извршуваше и многу други одговорни задолженија како секретар на САС на МПЦ и Администратор на Повардарската епархија, како и портпарол на Синодот на МПЦ.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.