Првите законски измени

Објавил: Калина Мартинска | 3 јуни, 2024 15:44

Мицевски и Снопче очекуваат да има двотретинско мнозинство за законските измени за реорганизација на министерствата

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски и пратеникот од Коалицијата Вреди Халил Снопче очекуваат да се обезбеди потребното двотретинско мнозинство за да бидат изгласани законските измени поврзани со промените на министерствата во Владата.

Тоа е предизборно ветување што го дадовме на граѓаните и со кое ги запознавме во предизборниот период. Во моментов, работиме на Законот за организација на работата на органите на државната управа, односно преструктурирањето на одредени министерства и очекувам дека ќе добиеме поддршка од 80 пратеници за да може да функционира она што е барање на граѓаните, рече Мицевски во изјава за медиумите по денешната прва официјална координација на собранискиот спикер Африм Гаши со претставници на партиите.

Снопче не гледа никаква причина овие законски измени да не бидат поддржани и од опозициските партии СДСМ и Коалицијата „Европски фронт“.

Нема причина да не се поддржи ова. Даваме поддршка на новиот владин кабиент. Треба двотретинско мнознство, за двотретинско мнозинство сигурно ни треба поддршка од пратеници од опозицијата. Без таква подддршка не може да помине. Ние сметаме дека треба да се поддржи ова барање во насока на конфигурација. Мислам дека нема причина за да се одбие и да не се прифати од страна на другите партии опозициони од страна на СДСМ и Европскиот фронт, бидејќи е за подобра функционалност, рече Снопче.

Прочитај повеќе:

Преговорите пред финиш – во новата Влада ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.