
Македонија
Вести
Новите членови на Судскиот совет би се бирале според постоечките законски критериуми вели премиерот Христијан Мицкоски, прашан за интерпелацијата поднесена во Собранието од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, во однос на петмина членови на Судскиот совет.
Според него, ако интерпелациите поминат, односно ако мнозинството пратеници изгласа недоверба, посочените членови на Судскиот совет, како што вели тој, би било доблесно да се повлечат од функцијата.
„Тоа не значи дека им престанува мандатот на тие членови, сепак тие може да речат не си поднесуваме оставка и ќе останеме и понатаму да го водиме судството со доверба кај граѓаните од два проценти. Условно кажано законот е таков непрецизен и може тоа да се случи и тоа нас нема да не изненади, ако тие одлучат со тоа да живеат. Но ние како политичари толку можеме да направиме, со сила ништо, нив до последно ги штити законот, таков е. Тие може да не поднесат оставка и да речат ќе тераме додека не ни завршат мандатите, што се надевам дека нема да се случи. Мислам дека ќе бидат доблесни и ако се изгласа интерпелацијата, ако заклучокот на пратениците е да има промени таму, тие да си заминат“,рече Мицкоски.
EНа новинарско прашање во однос на најавата на Мицкоски дека има и други алатки ако членовите на Судскиот совет не се повлечат, премиерот вели:
„Да нема дилема кои се алатките, тоа е јавноста. Вистината е најпрецизна во јавноста, ќе се бориме во јавноста. Ценам дека јавноста не е задоволна од работењето на овој Судски совет, од овој состав и мислам дека нема подобра алатка од јавност“,вели Мицкоски.
Во однос на Советот за јавни обвинители, Мицкоски порача дека реформите ќе се одвиваат чекор по чекор.
Во петокот, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, заедно со пратениците од парламентарното мнозинство на ЗНАМ и „Вреди“, поднесоа интерпелација за работата на членовите на Судскиот совет што се избираат од страна на Собранието.
„Решавањето на овие предизвици е неопходно за враќање на довербата во судскиот систем и за зацврстување на владеење на правото. Судскиот совет е клучна институција за функционирањето на правната држава. Затоа секоја сенка на сомнеж во работата на неговите членови мора да биде темелно анализирана, а јавноста треба да биде уверена дека Советот работи чесно, професионално и во интерес на граѓаните“, порача координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.